На 24 октомври во основното училиште „Љубен Лапе“ од Скопје беше одржана работилница за отворени образовни ресурси (ООР) пред група наставници од основните училишта во општина Аеродром. Наставниците беа запознаени со основните цели и концепти на движењето за отворено образование и за концептите, најновите трендови во користењето на интернетот и дигиталните алатки во образованието, како и за достапноста на отворените ресурси слободни за употреба.
Во рамките на работилницата беше изведен и практичен модул од Марина Миткова-Василева за праксите и проблемите со употребата на ИКТ во наставата во основните училишта. Беше истакната неопходноста од е-ресурси на македонски јазик за учениците од основните училишта и одделенската настава.
Наставниците беа информирани за изработката на апликацијата за споделување и пребарување образовни ресурси која е во завршна фаза и ќе биде достапна на oor.mk, што беше потврдено од наставниците како одлична алатка за нивните потреби.