Излезе првиот број на „Хаемус“, новото академско електронско списание посветено на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, кој исто така, опфаќа широк спектар на поврзани интердисциплинарни проучувања.
Целта на ова списание, базирано на принципот на отворените образовни ресурси и лиценците на Криејтив Комонс, е да се соберат и на едно место да бидат објавени најновите достигнувања во областа на балканската историја и археологија, како во однос на методологијата, така и од аспект на содржината.
Содржината на списанието се темели на чисто академски истражувања, а зад издавањето на оваа публикација стои редакција составена од истражувачи од најпрестижните институции во светот.
Списанието Хаемус е публикација на ХАЕМУС – Центарот за научно истражување и промоција на културата, со седиште во Скопје. Издавачите се надеваат дека квалитетот на статиите, како и сериозниот и темелен пристап на соработниците, ќе предизвика интерес во академската заедница која се занимава со историографија, со што ќе помогне да се воспостави долготрајна и ефикасна научна соработка.