Погодноста на отворените образовни ресурси не се состои само во нивно користење како готов образовен материјал. ООР можат да се употребат на различни начини кои го подобруваат, прошируваат и збогатуваат наставниот процес и интерактивноста со учениците.
Како што видовме во еден од претходните прилози, социјалните мрежи, на пример, можат да се применат на различни корисни и креативни начини за олеснување и динамизирање на процесот на учење.
Наставниците и професорите од Македонија сè повеќе ги следат овие трендови, но за жал нивниот труд и идеи не се промовирани и признаени како што заслужуваат. Во прилог на промоција на нивниот посветен труд ви претставуваме еден од многуте примери на примена на новите медиуми и ООР во Македонија.
Аида Петровска, наставничка по предметот физика во ОУ „Димитар Миладинов“, во наставата го применува блогот „Аида Физика“ како алатка. Нови информации, теми за дискусија, илустрации, видеа и многу други можности, кои секој корисник може да ги прилагоди на своите интереси и потреби, се само некои од погодностите на блогот. Покрај информациите, таа на него приложува и разни содржини кои покрај учењето, помагаат учениците да развијат приврзаност и љубов кон природата, како и да ја развијат свест за значењето на здравата околина.
„YouTube“ видео сервисот е исто алатка која таа ја применува. Промоција на активностите, пренесување на знаење, но и поттикнување на дружељубивоста помеѓу учениците се само некои од многуте позитивни придобивки од употребата на овој сервис. Дополнително, преку каналот „SchoolTube“, кој функционира како сопствен медиум , учениците кои ни пренесуваат различни содржини за своите активности и корисни информации од областа на физиката и природните науки, имаат можност да ја развијат и својата медиумска писменост.
Овој напис би го завршиле со цитат од еден од соработничките блогови од кои Аида е активен дел, и кој на извонреден начин ги доловува идеите и придобивките на отвореното образование и ООР:
Ако ти и јас имаме по едно јаболко и ги размениме тие јаболка, тогаш и ти и јас ќе имаме по едно јаболко. Но, ако ти и јас имаме по една идеја и ги размениме тие идеи, тогаш и ти и јас ќе имаме по две идеи. – Џорџ Бернард Шо