Налетот за креирање големи и бесплатни онлајн предавања создаде вознемиреност во универзитетите низ светот. Со намалените финансии, како и со напливот од придвижување кон учењето онлајн, универзитетите се приморани набрзина да ги менуваат вековните образовни модели. Денес, изразите историски, земјотресно и револуционерно се појавуваат во описот на предизвиците со кои високото образование ќе се соочува во наредните години.
Градејќи инфраструктура и прибирање на експертиза преку експериментирање и нови вработувања, како и интеграција на учењето онлајн во долгорочните стратегии, многу институции со години се подготвуваа за овие промени. Останатите институции, особено традиционалните истражувачки универзитети беа изненадени и неподготвени за трансформацијата на образованието. Оваа драматична и трауматична промена не надојде ненајавена.
Технологија го поплочува патот
Интернет врските, компјутерите и мобилните телефони поевтинија и станаа побрзи, овозможувајќи полесен пристап до онлајн-материјали и создавајќи потенцијал за разговарање, работење и учење со без малку кого било низ светот. Информациите, нешто за што порано мораше да се пребарува, денес неуморно протекуваат до луѓето. Во доменот на образованието, снимањето на предавањата, како и организирањето на часовите станаа поевтини и полесни, додека нивното складирање и преземање онлајн исто така стана евтино и лесно.
Бесплатните алатки, како Moodle, Jing, YouTube и Twitter овозможија нови начини за споделување информации и соработка. Смартфоните и iPad-от обезбедија преносливост на пристапот и на создавањето информации, притоа правејќи го учењето попреносливо од кога и да било. Во книгата „Ослободување на учењето“ (Liberating Learning), авторите Тери Мо (Terry Moe) и Џон Чаб (John Chubb) велат дека оваа технолошка трансформација ги „преобликува бедемите на комуникацијата, интеракцијата, водењето бизнис, како и на секојдневниот живот помеѓу човечките суштества, каде и да се наоѓаат во светот.“ Исто така, технолошката трансформација го менува и начинот на кој тие учат.
Трошоците за партиципација вртоглаво се зголемија
Трошоците за високото образование се зголемени за повеќе од 550 проценти од 1985 година. Многумина студенти не можат да си дозволат таков вид образование, без разлика што универзитетската диплома станува сѐ поважна за достигнување на средната класа во општеството. Истовремено, цените на технологијата опаднаа овозможувајќи полесен пристап до интернет на многу луѓе, а со тоа и полесен пристап до образовни ресурси. Колеџите и универзитетите се постојано на тапет поради сè повисоките цени, просечната стапка на студенти кои го завршиле образованието, како и недостигот на волја за измена на вековните образовни модели.
Во магазинот посветен на образованието „Промена“ (Change), Џон Даниел (John Daniel), Аша Канвар (Asha Kanwar) и Стаменка Увалиќ – Трумбиќ (Stamenka Uvalic – Trumbic) го критикуваат она што тие го нарекуваат „железен триаголник“ на образованието. Имено, се работи за „претпоставката дека квалитетот, ексклузивноста и трошоците несомнено одат заедно“.Критичарите, како што е Ричард Арум (Richard Arum) и Јосипа Рокса (Josipa Roksa), автори на „Академски одвеани“ (Academically Adrift), посочуваат кон доказите дека високото образование повеќе се поврзува со социјализација, отколку со учење. Државните законодавци исто така побаруваа докази дека јавните колеџи и универзитети наменски ги трошат парите, истовремено поврзувајќи го дополнителното финансирање со економскиот развој.
Практичноста ги привлекува студентите онлајн
Онлајн и хибридното образование на студентите им нуди слобода за работење на материјалот каде и кога тие сакаат, како и според посакуваното темпо, со што доколку има потреба, материјалот се повторува, а истовремено се намалува и времето кое тие би го потрошиле пасивно седејќи на долготрајни предавања. Во анкетното истражување спроведено минатата година од страна на Центарот за применети истражувања Educause (Educause Center for Applied Research), речиси 60 проценти од студентите одговориле дека научиле повеќе на предавањата кои се состоеле и од онлајн-содржини, додека 9 проценти одговориле дека најдобро учеле кога предавањата биле целосно онлајн.
Професорите иновираат за дигиталната генерација
Едукаторите експериментираат со технологијата, споделувајќи идеи и соработуваат во обид да изнајдат начини како да допрат до генерацијата студенти кои израснале со компјутери, мобилни телефони, Xbox, Nintendo и други електронски направи. Градинките и основните училишта (K-12) покажале особен интерес во употребата на игри, телефони, Ајпади и други неконвенционални методи за вклучување на учениците во наставата. Социјалните медиуми го забрзаа споделувањето на идеи, а со тоа поттикнаа и повеќе иновација. Онлајн и хибридното образование нуди нови начини за вклучување на студентите преку интерактивни предавања, видеа, анимации, игри, форуми за дискутирање и чет. Овие технологии се добро познати и практични за генерација на студенти која израснала со истата сеприсутна технологија.
Во книгата „Обид за разбирање на дигиталната генерација“ (Understanding the Digital Generation) Јан Џукс (Ian Jukes), Тед Мекејн (Ted McCain), и Ли Крокет (Lee Crockett), расправаат дека членовите на оваа дигитална генерација „размислуваат и комуницираат на фундаментално различен начин отколку која било претходна генерација“, иако повеќето возрасни сѐ уште гледаат на светот и на училницата низ призорот од 20-тиот век. Учењето потпомогнато од технологијата помага во премостувањето на овие бариери и ги среќава учениците на позната територија. Тоа не претставува универзален лек, бидејќи многу ученици патат од недостиг на вештини за создавање материјали во онлајн-светот, освен вештините за испраќање СМС-пораки и користењето на Фејсбук. Сепак, овој начин на учење ги среќава учениците таму каде што тие се наоѓаат.
Дигиталното образование нуди широк дофат
Онлајн-образованието им овозможува на универзитетите да допрат до студентите кои не можат или не сакаат да се преселат во кампус, притоа елиминирајќи ги физичките граници за запишување на факултет, каде речиси секој човек во светот претставува потенцијален студент. Далечинското образование не е новина. Тоа постои повеќе од еден век во форма на дописни курсеви кои се одвиваат по пошта. Радиото и телевизијата овозможија емитување на образовниот материјал, најчесто предавањата, а образовните програми, како на пример „Улицата Сесами“ (Sesame Street), комбинираат едукација и забава. Цедеата и цеде-ромовите овозможија лесно споделување на мултимедијални лекции, а како што комерцијалниот интернет добиваше на сила за време на 90-тите, училиштата започнаа да експериментираат со нови начини за допирање на студентите на оддалечени локации. Ваквиот начин на предавање се забрза со поевтинувањето на технологијата.
Неконвенционалните студенти, оние кои имаат свое семејство и се вработени, како и оние кои ги започнале, но не ги довршиле своите студии се осврнуваат кон онлајн-образованието. Многумина побаруваат нови вештини кои би им помогнале во тешки економски времиња, додека други побаруваат напредни дипломи откако биле отпуштени, или се надеваат на подобро работно место. Заедничката врска помеѓу овие профили на луѓе е неможноста за целовремено враќање во кампус. Државите како Орегон и Висконсин истражуваат нови начини за помогнување на студентите да ги завршат своите студии, во некои случаи овозможувајќи им да ги претворат работните вештини во кредит за колеџ (да ги применат своите стекнати вештини во институцијата додека студираат бесплатно или со минимален придонес), или пак да учат од бесплатните онлајн-курсеви за потоа да се тестираат за курсеви на колеџ. Поврзано со горенаведеното, животниот стандард за милиони луѓе во Кина и Индија е подобрен, што им овозможува да набават нови технологии и да се образуваат, сè со цел подобрување на животот.
Приватните универзитети се борат за студенти
Универзитетот во Феникс, како и други приватни колеџи привлекуваат милиони студенти, истовремено и милиони долари од партиципации за онлајн-курсеви. Тоа го сврте вниманието на традиционалните колеџи и универзитети, кои сметаат дека пропуштаат многу потенцијални студенти. Некои критичари на конвенционалното образование посочија дека дипломата не вреди колку конкретните вештини и предложија употреба на сертификати, значки и други начини за потврдување на споменатите вештини. Истражувањата поведоа сомневање за традиционалното факултетско образование. Во „Која е користа од предавањата?“ (What’s the Use of Lectures?) на пример, Доналнд Блај (Donald Bligh) вели дека предавањето „не може само од себе да се употребува ефективно за унапредување на мислата или за менување и развој на ставовите.“ Хибридните курсеви особено нудат ветување за подобрено учење, иако резултатите варираат.
Во една скорешна анализа спроведена од непрофитната организација Ithaka S+R, Вилијам Боуен (William Bowen) и неговите колеги предупредуваат за напумпаните очекувања од онлајн и хибридните курсеви, велејќи притоа дека „не постои опиплив доказ дека денешните системи за онлајн-учење… можат навистина без дилеми да придонесат за подобрени образовни резултати.“ Сепак, авторите гледаат огромен потенцијал во онлајн и хибридното образование и ги повикуваат едукаторите темелно да ги истражат овие опции.
Големите онлајн-курсеви стануваат озлогласени
Новите организации, како што се Coursera и edX стигнаа до насловните страници преку привлекување на голем број студенти, прибирање на голем капитал од инвестиции, како и заложби од познати универзитети. Ова го зголеми шушкањето за онлајн и хибридното образование, особено со склучувањето на нови зделки, како и со новите финансирања преточени во организациите. Успехот на големите онлајн курсеви, или МООС(Мassive Оpen Оnline Courses – Масивни отворени онлајн-курсеви), за привлекувањето на студенти и капитал, како и успехот на приватните колеџи ги раздвижи повеќето колеџи и универзитети, со цел да го избегнат општото мислење за нив дека патат од недостиг од визија или дека не се способни за промена во оваа ера на дигитално учење. Ниеден универзитет не сака да му се залепи етикетата „доволно е само да се учествува, а не и да се победи.“ Овие стравувања отворија можности за надворешни компании кои нудат консалтинг, технологии, аутсорсинг и други услуги за онлајн-курсеви. Овие компании обично вложуваат капитал однапред, со цел помогнување на развојот на онлајн-курсевите и системите за студентски сервис, за потоа да профитираат со дел од партиципацијата (неретко и околу 50 проценти од неа) од новите онлајн-студенти.
Буџетите на колеџите се сѐ помали
Администрацијата се осврнува кон онлајн-образованието и технологијата воопшто како начин за заштедување пари. Буџетите се намалени, особено во јавните институции, иако партиципациите и зацртаните ценовници остануваат високи. Боуен и неговите колеги во Ithaka S+R нудат еден од поиздржаните аргументи околу можното заштедување преку поефикасна употреба на технологијата, кадарот и капацитетите. Според нив, почетните трошоци за развој на курсевите се повисоки, но штом еден хибриден курс е воспоставен од страна на член на факултетот, на него можат да се додаваат повеќе секции со помош на поевтини надворешни соработници и асистенти.
Нивните заклучоци се засновани на мислењето дека помалку време е потребно за хибридните курсеви да се ислушаат, за разлика од традиционалните предавања (еден час, наместо три или четири). Заштедувањето расте како што запишувањето на нови студенти расте, со тоа што истиот материјал се употребува за повеќе студенти. Тие исто така сметаат дека се заштедува и на побарувачката за големи простории за предавање, што им овозможува на институциите да го зголемат бројот на студенти без притоа да градат додатни училници. Истото резонирање е применливо и за курсевите кои целосно се одвиваат онлајн, што повторно овозможува зголемување на студентската популација без потребата од изградба на предавални.
Која е целта?
Придвижувањето кон учењето потпомогнато од технологија само ќе добива на сила во наредните години. Многу градинки и основни училишта (К-12) веќе инвестираат во таблети и други технологии со надеж дека ќе ги намалат трошоците за учебници. Други институции го проповедаат моделот донеси-си-свој-уред, кој се засновува на зголемената сопственост и употреба на мобилни телефони, лаптопи и таблети. Многу училиштата исто така инвестираат во алатки за снимање на предавањата, широкопојасни безжични мрежи, како и во комбинирањето на образованието потпомогнато од технологијата со работата во предавална.
Покрај сите овие промени, се чини малку веројатно дека онлајн-образованието ќе го истурка настрана традиционалното четиригодишно образование во блиска иднина. Така нареченото „колеџ-искуство“ им овозможува на студентите да изградат врски со кадарот на факултетот, одблизу да соработуваат со професорите, да го подобрат своето критичко размислување и можеби најважното – да созреат со тоа што за првпат живеат настрана од нивниот дом. Сепак, со промената во начинот на кој студентите учат, која ја наложува технологијата, како и со различните опции за учење кои никнуваат, универзитетите немаат избор освен да се приспособат и да им ја појаснат својата понуда на студентите во однос на безбројните онлајн-алтернативи.
За авторот на оригиналниот текст: Даг Вард (Doug Ward) е вонреден професор по новинарство како и професор по креативно пишување на Универзитетот во Канзас. Тој е автор на „Нов вид бизнис: Чарлс Кулиџ Парлин, Куртис издавачката куќа и корените на истражувањето на пазарот“ (A New Brand of Business: Charles Coolidge Parlin, Curtis Publishing Company, and the Origins of Market Research) како и поранешен уредник во The New York Times. Можете да прочитате и да контактирате со него на www.kuediting.com и www.journalismtech.com, како и да го заследите на Twitter @kuediting.
Оригиналниот напис е објавен на: Media Shift.
Преводот го реализираше: Марко Манчев (marko.manchev[at]gmail.com).