Трендот на дигитализација на општеството во светски рамки не стивнува. Со кратко пребарување на интернет може да се пронајдат илјадници написи за, помалку или повеќе, успешни примери на дигитализација на услуги (т.н. е-услуги) од властите на речиси сите земји во светот. Властите во секоја држава експериментираат со трансформирање на постоечките, а понекогаш и воведување на нови услуги користејќи го интернетот, правејќи ги подостапни за голем број граѓани.
Дигитализацијата не завршува кај е-услугите: таа се спроведува и во архивското работење, здравствените институции, судството, локалната самоуправа, и конечно, во секторот образование. Се разбира, дигитализацијата на образованието е далеку од едноставен процес, но првите чекори веќе се направени – преку дигитализацијата на основните, традиционални образовни ресурси – учебниците. Достапноста на учебниците во дигитална форма (т.н. дигитални образовни ресурси) претставува важен исчекор во поглед на реформите во образованието, и правење на образованието подостапно за сите.
Но, што всушност се дигиталните ресурси и зошто тие не се доволни, во контекст на образовниот процес?
Дигитални образовни ресурси се сите образовни материјали (на пр. учебник, работна тетратка, презентација, вежбанка, квиз, тест на знаење, итн.) кои се во дигитален формат, односно најчесто се прикачени на интернетот. Тие можат да бидат во видео формат, аудио снимка, интерактивен квиз, игра и други комбинации. Поновите образовни ресурси веќе се создаваат и во виртуелна реалност!
Процесот на дигитализација на образовни ресурси (пред сè, учебниците) секако е потег вреден за пофалба. Но, правењето на постојните ресурси достапни во дигитален формат за преземање, не ги адресира останатите проблеми со образовните ресурси, особено образовните ресурси на сите јазици на кои се изведува наставата во нашата земја. Имено, добро позната е состојбата со недостатоци на основни образовни помагала на турски, српски, или босански јазик – најчесто самите наставнички и наставници се приморани да користат материјали на други јазици и лично изработените лекции со цел да го пренесат материјалот на учениците.
Како можеме овие дигитални (и дигитализирани) ресурси да ги направиме достапни за што поголем број ученици, студенти, одделенски и предметни наставници и наставнички и целата академска заедница? Како овие дигитални ресурси да ги направиме полесни за модифицирање, надградување, но и преведување на сите јазици на наставата, а истовремено да ги почитуваме оригиналните автори и нивните права?
Едно од решенијата се отворените образовни ресурси.
Отворените образовни ресурси се било кои материјали кои се користат во настава, кои се отворени, бесплатни и слободни за користење. Концептот за Отворени образовни ресурси (ООР) ги опфаќа сите образовни ресурси, вклучувајќи ги и наставните програми, материјали од курсеви, учебници, онлајн-видеа, мултимедијални програми, подкасти, како и секаков друг материјал кој е дизајниран за употребување во настава и при учење, кои се бесплатно достапни за употреба од страна на наставници и ученици, без потребата од плаќање надоместок за авторски права или такси за лиценца.
Со користење на отворени лиценци (пр. Криејтив Комонс) се осигуруваме дека основните авторски права се заштитени, преку задолжително атрибуирање или означување на оригиналниот автор/автори на ресурсот кој го употребуваме. Воедно, доколку ресурсот е навистина отворен, тој дозволува и неограничена реупотреба, модифицирање, надградување и секако, преведување. Дури и во создавање „деривати“ од одреден отворен образовен ресурс, се пренесуваат оригинални автори – на тој начин се заштитуваме и себеси при преземање одредени содржини од туѓи трудови.
Отворените образовни ресурси (вклучително и дигиталните ООР) сè уште не се замена за традиционалните образовни ресурси – учебниците. Но, кога учебниците не се достапни, овие дигитализирани отворени ресурси, дефинитивно ќе бидат од помош на наставниот кадар при пренесување на материјата која „мора да се помине“, било тоа да е преку Zoom, или пак, во физичката училница.
Фондацијата Метаморфозис е отворена за соработка со било кои претставници на академската заедница, поединци и организации, кои се залагаат за квалитетно образование на сите ученици, подеднакво, без оглед на местото на живеење, јазикот на кој се изведува наставата, или достапноста на традиционалните наставни помагала – отпечатените учебници. Можете да прочитате повеќе за нашите активности на www.oer.mk, и на нашата страница на Фејсбук https://www.facebook.com/oermacedonia.