EdX, платформата за отворено учење на интернет основана од Харвард и МИТ, се здружи со Фејсбук за да им овозможи на студентите од Руанда, слободен пристап до колаборативни онлајн курсеви. Партнерството беше објавено минатиот месец и ќе служи како нацрт за идни проекти, според соопштението за јавност објавено од страна на Фејсбук.
„Подобрување на глобалниот пристап до висококвалитетно образование е клучна цел од првиот ден на edX“, рече Анант Агарвал, претседател на edX, во соопштението за јавност. „Со здружувањето со Фејсбук на овој иновативен пилот проект, се надеваме дека ќе научиме како може да го примениме овој концепт во светот“.
Фејсбук ќе соработува со edX за да развијат мобилна апликација која ќе овозможи образовно искуство преку социјалните медиуми.
„Сметаме дека ова е одлично партнерство“, рече Метју Ј. Малој, потпретседател на маркетинг во edX. „Ќе работиме со Фејсбук, за да откриеме кои се друштвените одлики кои се важни во учењето“.
Фејсбук и edX имаат силна поврзаност со развојот во африканските држави. Според Малој, Фејсбук веќе има лансирано иницијативи во Руанда, а edX исто така има развиено односи во областа. Агарвал забележа дека речиси половина од 2 милиони студенти на edX доаѓаат од земјите во развој, од кои речиси 10% се од Африка.
Како што Фејсбук и edX се подготвуваат да ја лансираат програмата, тие се соочуваат со неколку технички бариери за кои е потребно дополнително партнерство со телекомуникациски компании и локални влади.
На студентите во Руанда, честопати им недостига пристап до паметни телефони кои им се потребни за да учествуваат во програми понудени од SocialEDU, рече Малој.
Според соопштението за печат, телекомуникациската компанија Нокиа се пријавила да им даде достапни паметни телефони, на запишаните на SocialEDU, кои владата на Руанда планира да ги субвенционира.
Ограничениот пристап до интернет во Руанда, наметнува уште една пречка кон овозможување на онлајн образование за студентите од Руанда. Курсевите достапни од edX генерално бараат силна интернет врска за трансфер на големи износи на податоци.
Како резултат на ова, Аиртел, телекомуникациска компанија, ќе овозможи пристап до интернет на корисниците на SocialEDU за оние кои учествуваат во програмата на една година, се вели во соопштението за јавност на Фејсбук. Владата на Руанда исто така вети дека ќе обезбеди wi-fi пристап на училишните кампуси низ земјата, додека работи со edX на прилагодување на содржината на курсот за корисниците од Руанда.
„Кога ќе ги погледнете сите луѓе кои се здружија, тие се некои од врвните луѓе во индустријата“, рече Малој. „Заедно, нашата мотивација е да се обидеме да разбереме што го прави учењето друштвено и како може да ги искористиме придобивките од друштвеното учење“.
Според Малој, бидејќи програмата е во раните фази на развој, SocialEDU ќе нуди само еден единствен курс.
„Се консултираме со нашите партнери во конзорциумот за да помогнат да идентификуваме која е правилната насока“, рече Малој.