На 23 ноември во Скопје се одржа презентација за отворени образовни ресурси (ООР) во просториите на градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје. Пред околу 20-тина членови на учителскиот кадар од скопските предучилишни установи беа презентирани концептите и праксите во употребата на ООР, како и достапните ресурси за овој степен на образование.
Присутните имаа можност да се запознаат со достапни онлајн ресурси за предучилишна возраст и начините како тие можат да се преземат и прилагодат во работата на образовните работници во овој степен на образовна подготовка. Беше предложено на сајтот на ООР да се придодаде опција за собирање и пребарување материјали за предучилишна возраст на јазиците на заедниците во Македонија. Исто така беа истакнати многу можности за соработка на релација образовни работници, јавните институции и граѓанскиот сектор кои би му дале силен импулс на развојот на образованието и негово целосно приклучување кон концептот отворено образование на 21-от век.