На 6 ноември во Скопје беше промовирано фототипското издание на „Граматика на македонскиот литературен јазик“ од американскиот професор по славистика на универзитет Харвард, Хорас Г. Лант. Ова воедно е и убав повод до делот на ресурси за ООР да го претставиме и приопштиме дигиталниот архив на македонскиот јазик.
На него се достапни за преземање во електронска форма особено значајни трудови од историјата на македонскиот јазик и граматика, вклучувајќи ги фототипските изданија на „За македонцките работи“ на К.П. Мисирков, „Речникот од три јазик“ на Ѓорѓи Пулевски, Граматиката на македонскиот јазик од Круме Кепески и неколку други на разлилни јазици.
Во периодот кога Европската Унија и останатите демократски земји се залагаат и го поттикнуваат зачувувањето на културното наследство на народите (материјалното и духовното) во дигитална форма, се наметнува потребата за дигитализација на ретки книги и материјали поврзани со македонскиот јазик. Со овој дигитален архив, можноста за продорот на македонскиот јазик, литература и култура во светот ќе биде зголемена, а материјалите ќе станат подостапни. Научниците, лингвистите, проучувачите на културата, историјата и традицијата на Македонија и на македонскиот јазик отсега ќе имаат пристап до ресурсите кои би им помогнале и би ги поттикнале тие проучувања, а со тоа би придонеле за поширока афирмација на македонскиот јазик во светски рамки.
Дигиталниот архив на македонскиот јазик се формира по пат на собирање, категоризирање, скенирање и дигитална обработка на ретки книги и материјали во врска со македонскиот јазик, култура и традиција. Со текот на времето, тој ќе се надополнува и ќе го зголемува својот обем со нови ракописи, материјали и ретки книги.Архивот не е голем по својот обем, но е исклучително важен според достапните содржини, и секако на убав начин промовира во каков правец може да се развива издавањето и слободното користење на материјали од големо историско и образовно значење.