ООР работилница со студентите на ФИНКИ

На 2 октомври во Скопје во просториите на „Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство“ (ФИНКИ) се одржа работилница за отворени образовни ресурси (ООР).

На работилницата учествуваа членовите на студентскиот парламент при ФИНКИ, додека самата работилница се состоеше од два модула: „Вовед и трендови на полето на ООР“ и „ООР и употребата на Википедија“ изведена од м-р Василка Димитровска.

Учесниците имаа можност да се запознаат со клучните концепти и идеи во сферата на ООР, актуелните трендови и развојни правци на ова поле, како и да разменат мислења и информации за поширокиот општествен и културен контекст во кој ООР се обидуваат да се применат во што повисок степен.

М-р Василка Димитровска, долгогодишен член на македонската „Викимедија“, ги демонстрираше употребливите алатки на Википедија за споделување на знаењето отворено за сите. Учесниците беа запознаени со техниките и алатките кои ги нуди Википедија како отворена колаборативна енциклопедија и повикани што повеќе да придонесуваат на неа од областите на својот интерес и изучување.

Во текот на работилницата беа дискутирани прашањата за авторските права и ООР, развојните политики на светските универзитети, состојбите со ООР во Република Македонија и други сродни прашања.