На 31 мај во просториите на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфизис“ во Скопје се одржа координативна средба на група стручни лица, наставници, професори и активисти на полето на образованието и новите медиуми. На средбата беа презентирани целите и плановите на проектот „Отворени образовни ресурси“ чиј носител е фондацијата „Метаморфозис“ и беа дискутирани можности за соработка, како и подобро поврзување на сите активни чинители на ова поле.
Координаторите на „ООР проектот“ ги информираа учесниците за плановите за промотивните активности со цел да се подигне свест кај учениците, студентите, изведувачите на наставниот процес и научно-истражувачките работници за потенцијалите на отвореното образование. Покрај промотивните активности во план се низа работилници на кои ќе бидат презентирани начините за користење на дигиталните технологии и Интернетот во образовниот процес. Во текот на ноември 2012 се планира одржување на Меѓународна конференција за ООР, на која учесниците од земјата и од странство ќе можат да разменат свои искуства за ООР.
Учесниците, кои се активни на овој план во различни научни, граѓански и образовни сфери, ги споделија своите искуства во врска со приоритетните аспекти на отворените ресурси во едукацијата, како и проблеми со кои тие се соочиле во пракса. Исто така, учесниците дадоа препораки во кои сфери би требало да се интензивираат промотивните и практичните активности со цел зголемување на искористеноста, ефикасното координирање и интензивирање на креирањето и употребата на ООР.
Координаторите на ООР проектот истакнаа дека веб-страницата на проектот, oor.mk, ќе биде особено развивана во делот на „ресурси“, кој е планирано да биде еден вид прегледен каталог и лесен мост кон достапните образовни ресурси во Македонија.