Од 5 до 12 март глобално беше одбележана „Неделата на отворено образование “. Голем број настани и манифестации беа одржани со заедничка идеја и цел: да се промовираат вредностите на отвореното образование, да се прикаже користењето на новите дигитални алатки во едукацијата и научно-истражувачкиот процес, како и да се понудат решенија за надминување на дигиталниот јаз помеѓу развиените и неразвиените земји.
Една од популарните форми за промовирање и едукација на полето на „ООР“ се т.н. „вебинари“ ( webinars, англ.) кои се покажуваат како мошне погодна и ефикасна алатка да се пренесат идеите, но и да се презентираат разни достигнувања на овој план (листа на одржани „вебинари“). Некои од позастапените проекти кои беа презентирани се целосното отворање преку интернетот на програмите и алатките кои се користат на универзитетите. Информациите за различни курсеви, области и литература која се користи стануваат стандард во работата на високо-образовните установи. Расте бројот и на достапната образовна литература во електронска форма, но заради прекрстувањето со авторските права оваа област останува една од оние на кои треба уште многу да се работи.
Во неделата на отворено образование беа одржани и голем број работилници кои се обидоа да понудат решенија како принципите и праксите на отвореното образование да се доближат до институциите и како да се надмине бирократскиот јаз кој оневозможува нивна поефикасна реализација.
Покрај ова редица настани беше посветена на практичните аспекти на отвореното образование, како на пример начини да креирате и објавите едукативна содржина која ќе биде достапна за образовни цели.
Во соработка на „Creative Commons“, „Институтот отворено општество“ и Американскиот департмент за образование објавен е конкурс за најдобро видео кое ќе ги презентира придобивките од отвореното образование. Сите информации за ова се достапни на веб-страницата www.whyopenedmatters.org