Светските трендови во областа на ООР се главно насочени кон збогатување на онлајн архивите, понатамошен развој на слободен софтвер за едукациски цели, разновидни средства, мултимедијални содржини, речници, прирачници и така натаму.
Во Македонија покрај интензивирање на постоечките проекти (бесплатни учебници, содржини на Википедија, материјали за презентација и изведување на наставата, и др.), неопходно е збогатување на т.н. „дигитални образовни архиви“ или „образовно-научни онлајн архиви“, како и сродни веб-страници. Популаризацијата и активната подршка на објавување на содржини под „Creative Commons“ лиценци е засега недоволно искористено.
Обемот на достапни содржини за наставата, како и за истражувањето треба да се зголеми, особено за повисоките степени од образованието и научната работа. Потребно е да се фокусираат активностите кон акумулација на содржини кои не се ограничени во својата дистрибуција од авторските права, како што се делата со авторство постаро од 70 години, документи со високо културно и национално значење, и сл.