Кус историјат на ООР

Самиот концепт на ООР се надоврзува на поимот на Дејвид Вајли (David Wiley) за „отворена содржина“ (open content, англ.) промовирани во 80-те и 90-те години од XX-от век. Оваа негова кованица ја проширува идејата дека постои врска помеѓу движењето за отворен софтвер и движењето кое се залага за отвореност на содржините и нивно користење, особено во образованието. Вајли активно учествувал во создавањето на широко прифатената отворена лиценца за содржини „Open Publication Licence“, која олеснува достапност до материјалите и содржините.

Основањето на „Creative Commons“ во 2001 година, како начин за дефинирање на цела платформа на авторски права кои овозможуваат и олеснуваат споделување и дистрибуирање на содржини, како и иницијативата на MIT универзитетот од САД за „OpenCourseWare“ (OCW), односно слободен пристап на интернет до факулетските прирачни материјали, го насочиле и зацврстиле движењето за ООР. Во 2005 година усвојувањето на „OCW“ моделот се проширил во сѐ повеќе институции, па во текот на 2008 година се потврдени над 180 членки ширум светот, посветени на ООР, кој до тогаш вбројувал над 4,000 прирачници и курсеви. Еден од најразвиените проект и е „The Connexions“ на универзитетот во Тексас, кој претставува „онлајн библиотека“ на голем број образовни материјали.

Самиот термин на ООР за прв пат влегува во употреба во 2002 година на конференцијата на UNESCO, каде ООР се конципираат како „отворен пристап до образовни ресурси, поткрепени со информатичките и комуникациските технологии, за консултативни, употребни и адаптивни цели во некомерцијална намена“. Во попрактична смисла денес ООР подразбираат „дигитализирани материјали кои се понудени за слободна употреба од страна на образовниот кадар, студентите и самоуките поединци или групи, за настава, учење и истражувања“. UNESCO со помош на својата разгранета мрежа на канцеларии и проекти се посветува на понатамошен развој на т.н. ООР заедница.