Која е целта на отворените образовни ресурси?

Развојот на информатичкото општество и информатичката технологија придонесе да се смени начинот на кој се одвива образовниот процес и отвори нови можности во едукацијата. Во исто време новите можности претставуваат предизвик за досега користените начини за одвивање на образовниот процес кои стануваат еден вид бариера кон побрзи промени. ООР се обидуваат да ги надминат овие бариери кои се јавуваат во форма на авторски права, селективен пристап, сложени регулации, кориснички пречки и слично.

Главната цел на ООР е да се подобри пристапот кон знаењето и можностите за учење. Тоа најлесно се постигнува со споделување на знаењето и на средствата кои го помагаат учењето и истражувањето. Со ваквиот приод учењето не само што станува полесно и поефтино, туку и се заштедува во време, материјални средства и човечки ресурси во исполнување на образовните цели.

Отвореноста и инклузивноста, кои се многу важни за ООР, ја поттикнуваат и креативноста. Заедниците кои се оформуваат полесно комуницираат, разменуваат знаења и информации, полесно ги комбинираат искуствата и доаѓаат до решенија кои се поприменливи за соодветните средини каде се наменети. Покрај тоа што промовираат слобода во образованието и во истражувањата, ООР имаат за цел да овозможат да се спроведе т.н. „отворено образование“, односно знаењето да се овозможи на сите на кои им е потребно и кои кои  бараат знаење и истражуваат.

Отвореното образование како идеја бара постапен развој кој подразбира неколку нивоа на кои општествата треба да се фокусираат:

  • создавање учебници и прирачници кои се слободни и бесплатни за користење
  • организирање и систематизирање на образовните средства и материјали за да бидат лесни за наоѓање
  • олеснување на принципите за умножување на материјалите и регулирање на авторските права врз овие содржини