Како функционира Криејтив комонс?

Доколку сте автор на некое дело и сакате да го објавите под Криејтив комонс лиценца, треба да појдете на creativecommons.org/choosе и да одговорите на краткиот прашалник, врз основа на кој ќе ви се генерира код, кој потоа  треба да го вградите во вашиот сајт, презентација, документ… Целата постапка се одвива на интернет и одзема неколку минути.

Добиената лиценца одговара на условите кои сте ги прифатиле или одбиле при одговарањето на прашалникот, но за да разберете целосно што им давате, а што им забранувате на останатите, добро е да правите разлика меѓу 6-те видови Криејтив комонс лиценци:

  • Наведи извор
  • Наведи извор-Сподели под исти услови
  • Наведи извор-Без адаптирани дела
  • Наведи извор-Некомерцијално
  • Наведи извор-Некомерцијално-Сподели под исти услови
  • Наведи извор-Некомерцијално-Без адаптирани дела

Како што може да се забележи, основен услов во секоја лиценца е наведувањето извор до оригиналното делото при неговата реупотреба од страна на друг. Со тоа се овозможува давање заслуга при користењето на делата и ширење на работата зад која стојат авторите на оригиналните дела.

Авторот, при одредување на условите може да побара задолжително споделување на реупотребените дела под исти или слични услови со оние кои тој ги навел. Поедноставено кажано, „ако моето дело е под Криејтив комонс лиценца, и вие ќе мора да употребите таква кога ќе го објавите вашето дело кое е изведено од моето“.

Третиот услов ограничува на користење на делата само такви какви што се, односно забрана за правење какви било промени. Авторот може да забрани и употреба на неговите дела за комерцијални цели, како и да ги комбинира сите овие услови за да постави повисок степен на заштита.

Во сите случаи, оние кои ќе наидат на дело објавено под Криејтив комонс, имаат право да го копираат, дистрибуираат и јавно да го прикажуваат.

Криејтив комонс лиценците се правни документи, кои подлежат на законот за авторски права. Ако некој ги прекрши условите пропишани во лиценцата на еден автор, за него можат да бидат применети соодветни мерки како што е предвидено во законот.

Пример за имплементација на лиценца од овој тип можете да прочитате на веб-сајтот e-learning.mk, а доколку сакате да споделите или најдете некое дело, обратете се на cc.org.mk.

Во Македонија законски е дозволено само ограничено умножување на образовни материјали, а чест е случајот материјалите кои се финансирани од даноците на граѓаните, дополнително да се наплатуваат од крајните корисници, уленици, студенти, истражувачи и слично:

„Законски е дозволено репродуцирање во учебници, читанки и други публикации од слична природа авторски дела во делови или во целина кога се работи за кратки авторски дела и дела од областа на фотографијата, ликовната и применетата уметност, архитектурата, дизајнот и картографијата, исклучиво заради илустрирање во настава со некомерцијална цел“

                                      Закон за авторски и сродни права, пододдел 1, член 40.