Што да се избере, гимназија или стручно училиште? Ако до пред извесно време, мнозинството деветтоодделенци избираа да учат во гимназија наместо во стручно училиште, по четирите дена од првиот уписен рок, впечатокот е дека нештата полека се менуваат. Некои од стручните училишта го бележат најдобриот упис во последната декада, а некои гимназии пак, за прв пат по подолго време не ги пополнија сите слободни места во првиот уписен рок. Таков е случајот со гимназијата „Орце Николов“, каде што има место за уште дваесетина ученици.
На што се должи зголемениот интерес за стручно образование? Според искуството, за тоа е заслужно доброто менаџирање и ангажманот на самите професори, но резултати годинава дава и кампањата на Министерството за образование и наука (МОН) „Учи паметно, работи стручно“, со што е воведен концепт на дуално образование. На учениците им се нуди вработување по завршувањето на образованието, им се нудат стипендии и директна работа во компании, нешта кои ги прават струките попривлечни.
Александар Алексовски е професор по биологија во училиштето „Марија Кири Склодовска“. Тој бил дел од тимот професори кои работеле на тоа да привлечат што повеќе ученици. Трудот вродил со плод, па од 306 слободни места, во првиот рок се запишале 236, што е најдобар успех на училиштето во последната деценија. Во вториот уписен рок кој треба да започне за два дена, овде има место за уште 70 ученици.
– Си ја сфативме задачата доста сериозно, целиот тим и колектив. Си поставивме цели, се состанавме уште во февруари. За кусо време успеавме да влеземе во 70 основни училишта со онлајн презентација на Тимс, на класен час. Кога на децата убаво ќе им објасните што им нудите, се добива поинаква слика. На ученикот ништо не му значи ако му кажам што ќе учи. Но кога ќе го прашам, „А што потоа, каде ќе работиш, каде ќе одиш?“ И тука се застанува. Најмногу се задржував на тоа каде би можеле да работат. Тоа беше клучно. Сметам дека со убав план може да се постигне успех. Секој ден постиравме на Инстаграм, на Јутуб, на Фејсбук, со намера што повеќе да им доближиме на учениците што е она што кај нас се учи – вели Алексовски.