Дали сте заинтересирани како најлесно можете да започнете да создавате ваши, авторски, отворени образовни ресурси? Тогаш сте на вистинското место.
Создавањето на вашиот прв отворен образовен ресурс никогаш не било полесно. Сè што ви треба е интернет конекција, познавање на најчесто користените дигитални алатки и многу креативност!
Во овој краток водич од три чекори, ќе ви покажеме како да создадете, лиценцирате, и промовирате ваш отворен образовен ресурс (ООР). Се разбира, постојат илјадници различни начини како едукаторите од целиот свет ги создаваат своите ООР, но што е тоа што е заедничко за сите нив? Неколку работи:
- ООР се прават најчесто волонтерски, односно, не се прават за здобивање финансиска корист. Едукаторите сакаат да го споделуваат своето знаење!
- Самите ООР се целосно бесплатни за користење. Единствено што ви треба е компјутер, паметен телефон, или таблет, и интернет за преземање на ресурсот.
- ООР се прават со цел да бидат споделени. Со други зборови, вредноста на ООР е токму во леснотијата на нивното споделување, повторно искористување, и модифицирање. Колку повеќе ваши колеги и колешки едукатори, студенти, родители, и сите кои се заинтересирани да ги надградат своите знаења – го користат вашиот отворен образовен ресурс – толку подобро!
Па, како да започнеме?
- Тема
Првин, добро е да ја дефинираме темата која ќе ја опфатиме во самиот ресурс. На пример, доколку пишуваме лекција по физика, дали ќе опфатиме гравитациона сила, магнетни полиња, или пак нешто сосема друго. Темата е добро да не биде преширока (и предолга), односно да се фокусира на една појава, сегмент, или вежба за конкретниот предмет.
Се разбира, при определување на темата, мораме да водиме сметка и за возраста на учесници, односно, дали нашиот ресурс е соодветен за наменетата целна публика (ученици од основно, средно, ресурс за возрасни итн.). Вообичаено, едукаторите кои доаѓаат од одредена професионална фела или работно искуство (на пример, наставнички по математика, одделенски наставнички, наставници по физичко, итн.) изработуваат ООР од нивното соодветно поле на интерес. Се разбира, ова не е правило, ниту пак некакво ограничување – сите се во можност да изработуваат ресурси од било која тема! Сепак, генерално важи непишаното правило дека едукаторите најчесто изработуваат ресурси на темите во кои се чувствуваат нај комфорни и каде имаат најмногу работно искуство.
- Содржина
Откако ја имаме темата, соодветна на возраста на учениците за кои сакаме да е наменет ресурсот, следен чекор е внесување на самите содржини.
Вообичаено, едукаторите кои креираат ООР на одредена тема веќе се добро запознаени со темата која сакаат да ја обработат – огромен дел од нив со години (често и повеќе децении) работат во образованието, и се чувствуваат комфорни со материјата која се изучува. Вистинската вредност која тука може да ја додадат, се интересните примери, вежби, и искуства од сопствениот живот, кои не може да се пронајдат во ниту еден учебник!
Со други зборови, кога ќе ја планирате содржината во вашиот ООР – не се држете строго до одобрените содржини од традиционалните наставни помагала – вашиот ресурс секако ќе носи ваш „печат“, стил, начин на изразување, и ќе го отслика вашето искуство како едукатор при пренесување на наставната содржина.
- Алатки
Постојат илјадници алатки кои можат да се користат од секого што создава ООР. Голем дел од нив се бесплатни (не бараат внесување кредитна картичка, месечен надоместок итн.), но постојат и одредени алатки, кои иако првично се наплатуваат, често даваат големи попусти или целосно бесплатни верзии, доколку ги користиме само во образовни цели.
Преку оваа заложба, компаниите даваат можност на едукаторите да креираат високо-квалитетни содржини користејќи го нивниот софтвер, сè додека тие содржини се користат исклучиво за наставни цели, односно, не за стекнување профит.
- Една популарна алатка која може да се користи е Google Slides. Оваа алатка овозможува вметнување и на интерактивни, визуелни елементи, како и аудио снимки, во самиот ресурс! Единствено што е потребно е корисничка сметка на Google, и можете да започнете да создавате презентации (google.com).
- Доколку не поседувате платена верзија на популарниот Microsoft Office пакет, не е крај на светот. На овој линк (https://www.libreoffice.org/) можете да пристапите до бесплатниот софтвер LibreOffice, односно, многу слична верзија на популарниот пакет од Microsoft. Пакетот вклучува софтвер за уредување текст (слично на Word), работа со податоци во табели, цртање дијаграми, и многу други можности!
- Доколку имате идеја да користите одредена фотографија, илустрација, или пак видео во вашите ресурси, постојат и бесплатни онлајн сервиси кои нудат токму вакви висококвалитетни материјали! Една ваква платформа е Pixabay (https://pixabay.com/) каде можете да пронајдете илјадници фотографии, соодветни за користење во вашите лекции. Друга ваква страница е Unsplash (https://unsplash.com/). Секако, користењето на туѓи фотографии и илустрации подразбира и почитување на условите под кои е овозможено бесплатното користење, односно, вообичаено авторите бараат кога ќе ги користите нивните фотографии, да го наведете оригиналниот автор, и изворот од каде сте ја преземале фотографијата или видеото. Значи, исто како и вашиот ООР!
- Mentimeter претставува онлајн алатка за интеракција, многу слична на Kahoot! Овие две често користени алатки овозможуваат создавање квизови, интеракција со публиката, и ангажирање, преку користење на мултимедијални содржини, и можност за работа во тимови и групи. Воедно, постои можност истите да се користат и како забавни тестови за проверка на знаење – единствено што е потребно е да назначите кои се точните одговори во квизот, и да доделите бодови на секое прашање. Слично како и Google Slides, Kahoot и Mentimeter можат да се користат бесплатно, со одредени ограничувања. Прочитајте повеќе детали на нивните веб страници: https://kahoot.com/ и https://www.mentimeter.com/
Бонус: лиценцирање и споделување
Го создадовте вашиот прв ООР! Презентацијата или тестот е готов, полн со содржини кои се соодветни за учениците, претставени на креативен начин кој само вие го поседувате. Сите материјали, како фотографиите, кои сте ги преземале, се соодветно атрибуирани (наведен е оригиналниот автор) и вашата работа е завршена. Но, не навистина – преостанува уште еден многу важен чекор, а тоа е правење на вашиот образовен ресурс – во отворен образовен ресурс!
Последната постапка која мораме да ја направиме за да навистина нашиот ресурс стане ООР е користењето на отворена лиценца Creative Commons (Криејтив Комонс). За деталниот начин како се лиценцира одреден ресурс, можете да прочитате повеќе на овој линк: (https://oer.mk/2020/10/kako-da-liczenczirame-obrazovni-resursi-so-pomosh-na-krie%d1%98tiv-komons/).
Накратко, секогаш ги потпишуваме нашите авторски ресурси, и внимаваме лиценцата да е што е можно поотворена за повторно искористување, и споделување од пошироката заедница на едукатори – тоа е всушност и причината поради која започнавме да создаваме ООР!
За крај, нашите ООР се корисни само онолку колку што им користат на нашите колеги и колешки, самите ученици, родителите, и сите кои сакаат да ги надградат своите знаења. Затоа, многу е важно нашите ресурси да ги споделуваме, и промовираме. Со ова, не само што допринесуваме нашите ресурси да допрат до што поголем број корисници, туку и покажуваме дека ООР се направени да бидат споделени, и можеби токму нашата лекција ќе охрабри некој друг да се обиде да создаде своја. Еден од начините како полесно можете да учествувате и споделувате ваши ООР е преку веб страницата www.oer.mk. На истата можете да отворите ваш кориснички профил, и да прикачувате ресурси, кои понатаму со линкот до истите можете да ги споделувате и по e-mail, социјални медиуми и до било кој заинтересиран кој би имал корист од нив. Ви благодариме на посветеноста!