Поддршка од 93 граѓански организации за родовата рамноправност во основно образование

Вкупно 93 граѓански организации изразија поддршка за приоретизирањето на родовата рамноправност и на заштитата од дискриминација и насилство во предлог-концепцијата за реформи во основното образование.

Како што соопштија денеска од ХЕРА, интеграцијата на родовите прашања во основното образование несомнено ќе влијае на подолг рок врз намалување на родовите стереотипи кај децата и врз градењето на инклузивно и поправедно општество кое за повеќето граѓани е од национален интерес.

-Имајќи предвид дека бројни анализи на учебниците од основно, средно и високо образование укажаа на присуство на родови стереотипи и дискриминаторски наративи, а дополнително и комплетно или релативно отсуство на дадени социјални групи (жени, лица со попреченост, етнички други, ЛГБТИ итн.), ја поздравуваме насоченоста на новата концепција кон надминување на овие крупни проблеми во продукцијата на знаења и вештини во рамките на образованиот процес, посочија во соопштението.

Според граѓанските организации, воведувањето на изборен предмет за сексуално образование, како што предвидува новата концепција, дополнително ќе придонесе кон поголема информираност на младите за еднаквоста на луѓето, заштитата од насилство и намалувањето на дискриминацијата.

За целосниот текст, кликнете тука. Извор: Слободен Печат