Второто полугодие ќе продолжи да се спроведува со комбинираниот модел

Министерката за образование и наука Мила Царовска соопшти дека второто полугодие продолжува по истиот модел досега, кој според неа се покажал успешен во првото полугодие.

„Она што е позитивен пример не треба да го менуваме и сметам дека второто полугодие ќе продолжи да се спроведува со комбинираниот модел и дека оваа учебна година ќе ја завршиме според успешно воспоставениот модел“, рече министерката Царовска во гостувањето на ТВ Клан.

Таа посочи дека најголем предизвик во првото полугодие било како наставниците ќе се снајдат со онлајн наставата.

„Но, овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење на часови преку телевизија”, рече Царовска.

За неа, првото полугодие завршило успешно. Според статистиките на МОН, над 90% ученици успешно следеле онлајн настава, имало помалку од 1 % активни случаи со Ковид-19 на наставници и ученици од оние кое биле со физичко присуство, а наставата и оценувањето завршиле успешно и навреме.

Во меѓувреме, Сојузот на средношколци денеска најави бојкот на наставата ако властите не ги исполнат нивните барања во однос на полагањето државна матура.

За целосниот текст, кликнете тука. Извор: Радио МОФ