Недостатоци, ревизии, комисии, препечатувања. Ова се дел од најчесто употребуваните термини кога станува збор за состојбата со учебниците и учебникарството во Северна Македонија. Сепак, оваа ситуација не е ниту нова, ниту изненадувачка за оние кои го следат образованието и образовните политики во нашата држава. Во изминатиот период јавноста беше сведок на бројни критики упатени кон поедини учебници, како на пример за учебникот по социологија за втора година средно, кој, за волја на вистината, МОН нагласи дека ќе го повлече од употреба, и ќе го ревидира и препечати.
Иако преку овој пример се забележува соодветна реакција на надлежната институција, таквите постапки се ретки, и испреплетени со разни бирократски процеси и процедури. Во случајот со учебникот по социологија за средно образование, лавината реакции на социјалните медиуми од јавноста беше најзначајниот фактор кој го покрена министерството брзо да реагира, без оглед на тоа што овој учебник повеќе години наназад беше во употреба.
Во јавноста е сè уште актуелна и темата на недостигот на испечатени учебници во одделни училишта. Покрај повремените недостатоци во достапноста, помалите заедници во Северна Македонија за првпат во оваа учебна година ќе добијат и дел од учебниците на јазикот на својата заедница, како на пример, српски јазик за шесто и за седмо одделение, турски јазик за 9 одделение, јазик и култура на Власите за седмо и за осмо одделение, и други.
Но, што да прави наставникот кога учебникот не е достапен на јазикот на кој предава, или е во процес на ревизија, или едноставно – нема доволно испечатени примероци за учениците во неговото училиште?
Едно од решенијата е користење на Отворените образовни ресурси (ООР).
Отворените образовни ресурси се било кои материјали кои се користат во настава, кои се отворени, бесплатни, и слободни за користење. Концептот за Отворени образовни ресурси (ООР) ги опфаќа сите образовни ресурси, вклучувајќи ги и наставните програми, материјали од курсеви, учебници, онлајн-видеа, мултимедијални програми, поткасти, како и секаков друг материјал кој е дизајниран за употребување во настава и при учење, кои се бесплатно достапни за употреба од страна на наставници и ученици, без потребата од плаќање надомест за авторски права или такси за лиценца.
Отворените образовни ресурси (сè уште) не се замена за класичните учебници, меѓутоа, кога нив ги нема, особено кога станува збор за достапност на образовни материјали на јазиците на малцинските заедници, можат да бидат од огромна корист во образовниот процес.
Фондацијата „Метаморфозис“ активно работи на полето на Отворените образовни ресурси (ООР), и се залага за ширење на знаењето преку иновативно користење на информатичката технологија. Во рамки на проектот Отворени образовни ресурси, „Метаморфозис“ нуди редовни обуки и работилници за наставниците ширум државата за предностите на ООР, нивно користење, изработка, и споделување. Повеќе за активностите можете да прочитате на www.oer.mk.
Покрај овие активности, Фондацијата е отворена за соработка со било кои претставници на академската заедница, поединци, и организации, кои се залагаат за квалитетно образование на сите ученици, подеднакво, без оглед на местото на живеење, јазикот на кој се изведува наставата, или достапноста на традиционалните наставни помагала – испечатените учебници.