На 15 ноември, со почеток во 11.00 часот, во ЕУ Инфоцентар во Скопје, се одржа панел дискусија на тема: „Граѓански иницијативи за промена на закони“. Оваа панел дискусија е дел од проектот Граѓаните во Собранието, имплементиран од Вестминстер фондација за демократија и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
На овој настан беа презентирани наодите од истражувањата спроведени во различни области од страна на 11 организации, а беше промовиран и „Прирачник за истражување и за пишување документи за јавни политики“, креиран за да им помогне на граѓанските организации што сакаат да иницираат општествена промена, базирана врз истражување и аргументи со кои ќе ја оправдаат таа промена.
Претставник од Метаморфозис го презентираше документот за јавни политики во кој е обработена иницијативата за законска имплементација на отворените образовни ресурси која ги опфаќа законите за основно, средно и за високо образование, законот за учебници во основно и во средно училиште и законот за авторски и сродни права.
– Бидејќи кај нас има многу мал пристап до отворени образовни ресурси, потребна е измена во неколку закони, но, се разбира, притоа да се внимава да не се повредат авторските права на авторите на учебниците – изјави претставникот од Метаморфозис.
Свои иницијативи презентирашеи здружението „ХОПС-опции за здрав живот“, „Центар за правни истражувања и анализи“, „Слободен софтвер“, „Вилсон Македонија“, „Младински образовен форум“, „Македонска платформа против сиромаштија“, „Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива“, „Цивил“ – Центар за слобода и ЏЕФ – млади федералисти како и „Институт за човекови права“.