Неколку колеџи во САД од неодамна започнаа со пилот-програми за ООР, под супервизија на професорите и останатиот академски тим. Целта на овие програми е да се намалат трошоците на студентите во високото образование.
Досега, со користењето на бесплатните ООР, успешно се заштедени илјадници долари за студентите. Околу 4,000 студенти кои се запишани на еден колеџ, велат дека заштедиле речиси 60,000 долари само од семестарот кој е во тек. Сево ова е поврзано со чинењето на учебниците.
„Колеџот е премногу скап. Ова е еден начин на кој можеме да им помогнеме на студентите да ги намалат трошоците,“ изјави директорката на библиотеката во еден од колеџите, Тина Улрих.
Вредно е да се спомене дека библиотекарите им помагаат на професорите да пронајдат отворени образовни ресурси. Сите професори кои се потпишале на иницијативата се согласиле и да ревидираат еден од нивните курсеви – односно во истиот да се користат исклучиво бесплатни материјали.
„Ова е отворен учебник и е бесплатен онлајн. Само треба да кликнете на истиот и сите можат да пристапат до него. Бесплатен е и достапен онлајн за да може секој да го користи, да го измени и дистрибуира. Можете и да испечатите ваша копија ако сакате.”
Пилот-програмата во едниот од колеџите била овозможена од грант од 5,000 долари од страна на фондацијата „NMC”.
Од Колеџот Џорџија Хајлендс (Georgia Highlands College) пак, тврдат дека на студентите им заштедиле близу половина милион американски долари само од семестар оваа есен, откако започна активното користење на ООР. Меѓутоа, новите ООР не се само учебници. Студентите исто така добиваат и видео-ресурси, софтвер, лаборатории и подобрено учебникaрско искуство со хипер-линкови до многу други ресурси
„Речиси 70% од студентите не купуваат учебници,” изјави заменик-претседателката за академски прашања, Ренва Ватерсон. „Има многу причини за ова, но најосновната причина е тоа што студентите не можат да си ги дозволат. Кога имате студенти кои седат на предавање и немаат учебник, кој претставува основната алатка за учење, тогаш ги ставате студентите на дополнителен ризик од академски неуспех.”
Просечната цена на еден учебник за еден курс изнесува 200 или 300 американски долари.
На Џорџија колеџот велат дека се надеваат дека ООР ќе станат препознатлива особина за колеџот. „Ги проширивме ООР низ секоја од нашите области,” вели еден од професорите. „Нашиот академски тим напорно работи на редизајнирање на што поголем број на курсеви за да бидат компатибилни за ООР. До 2017-2018, 90 проценти од нашите курсеви за наука ќе бидат ООР.”
Бидејќи ООР се отворени за секого бесплатно, студентите, потенцијалните студенти и дури и јавноста може да ги прегледа овие ресурси кога сака. ООР учебниците можат да се преземат на било кој паметен уред, телефон или таблет. Колеџот планира да продолжи со понудата на ООР и истата да се прошири на што повеќе области и курсеви со текот на времето.
Извор: 9&10 News и northwestgeorgianews.com