Во септември оваа година, проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“ ја промовираше „Нашата прва библиотека“ – збирка од 20 наслови сликовници за деца. Оваа збирка сликовници во печатена форма е дистрибуирана до сите училишта, а сликовниците се прилагодени и во аудио-дигитална форма и се достапни во дигиталната библиотека на македонски и албански јазик. Текстот и илустрациите се изработени од автори од повеќе од 30 земји, а во сликовниците се обработуваат најразлични теми релевантни за децата, како што се пријатели и другарство, родители и семејство, чувства, наука, лица со посебни потреби/ маргинализирани групи, различни земји и култури итн.
Сликовниците од „Нашата прва библиотека“ ќе станат дел од секоја училница од одделенска настава во државата и претставуваат дел од активностите кои проектот ги спроведува со цел да го збогати изборот за материјали за учење и да создаде богата средина за учење за најмладите ученици.
Проектот „Со читање до лидерство’’, спроведуван од Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор’’ – Македонија, има за цел да се проценат и подобрат јазичните и математичките вештини кај учениците од почетните одделенија и да се подигне свеста кај целата заедница за важноста од јазичната и математичката писменост. Преку овој проект, за прв пат во Македонија се користат инструменти за процена на постигањата по јазична и математичка писменост кај учениците од почетните одделенија на македонски и албански јазик. Проектот нуди и иновативни и креативни решенија активности, како што се: Караван на букви и броеви, Библиотека на тркала, дигитална библиотека и соодветни ресурси за ученици, наставници и родители.