Оваа година Неделата на отворено образование ќе се одржи во периодот 9 – 15 март. Прочитајте повеќе за Неделата на отворено образование во овој напис.
Отворено образование
Отвореното образование во својата основа се темели на слободно и отворено споделување. Слободно, без трошоци, и отворено, со употреба на правни алатки (слободни лиценци) кои дозволуваат секој да ги реупотребува и модификува образовните ресурси. Слободното и отворено споделување го зголемува пристапот до образование и знаење за сите, секаде, во секое време, им дозволува на луѓето да прават измени на материјалите или да ги комбинираат ресурсите за да создадат нешто ново.
Отвореното образование инкорпорира заедници за слободно и отворено учење, едукативни мрежи, материјали за предавање и учење, отворени учебници, отворени податоци, отворени стипендии, едукативни алатки со отворен код итн. Отвореното образование им овозможува на луѓето пристап до знаење, создава платформи за споделување, поттикнува иновација, и поврзува заедници на ученици и едукатори ширум целиот свет.
Идејата за слободно и отворено споделување не е нова. Впрочем, споделувањето е најверојатно најосновната карактеристика на образованието: образованието е споделување на знаење, увид и размена на информации со другите, врз основа на кои може да се гради ново знаење, вештини, идеи и разбирање. Отвореното образование има за цел да ги подобри образовните можности преку искористување на моќта на интернетот, овозможувајќи брз и суштински слободен проток, и им овозможува на луѓето од целиот свет пристап до знаење, да се поврзат и да соработуваат.
Зошто отвореното образование е важно?
Луѓето сакаат да учат. Со овозможување на слободен и отворен пристап до едукација и знаење, можеме да помогнеме да се создаде свет каде луѓето може да ја остварат оваа желба. Учениците можат да добијат дополнителни информации, перспективи и материјали кои ќе им помогнат да успеат. Работниците може да научат работи кои ќе им помогнат на работното место. Наставниците можат да изнајдат нови начини за да им помогнат на учениците да научат. Луѓето може да се поврзат со другите со кои вообичаено не би се сретнале за да споделат информации и идеи. Материјалите може да бидат преведени, комбинирани, разделени, и отворено споделени повторно, зголемувајќи го пристапот и овозможувајќи свеж пристап. Секој може да пристапи до едукативни материјали, научни статии, и заедници за поддршка при учењето, во секое време кога ќе посака. Образованието е достапно, пристапно, прилагодливо и бесплатно.
Што е Недела на отворено образование?
Целта на Недела на отворено образование е да ја подигне свеста за можностите за слободно и отворено образование кои постојат за секого во овој момент. Сакаме да се потенцира како отвореното образование може да помогне луѓето да ги пресретнат своите цели во образованите, било да се работи за развивање на вештини и знаење за работа, поддршка на формални студии, учење нешто ново поради личен интерес или барање на дополнителни ресурси за предавање.
Кој придонесува на Неделата за отворено образование?
Неделата на отворено образование е координирана од Конзорциумот за отворено образование, сојуз од стотици институции и организации ширум светот кои се посветени на идеалите на отвореното образование. Универзитети, колеџи, училишта и организации од целиот свет се здружија за да покажат што тие прават за да го направат образованието поотворено, бесплатно и достапно до сите.