На 23 декември 2014 год., во конференциската сала на Музејот на македонската борба, со почеток во 19:00 часот се одржаа серија предавања од областа на археологијата по повод „Меѓународниот ден на археологијата 2014“. Настанот под мотото на отворени образовни ресурси, во организација на Центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС“ – Скопје, го проследија 60 присутни.
На настанот презентираа 7 говорници, и тоа: М-р Марина Спирова – Пејсажот, изведбата и ритуалните активности во енеолитското светилиште Св. Атанас (с. Спанчево), М-р Биљана Гаревска – Палеонтологијата во служба на археологијата, Валентина Тодороска – Подводното културното наследство на Република Македонија, М-р Василка Димитровска – Цоцев Камен – пример кога карпите и камењата од нашето минато стануваат наука, М-р Мимица Велова-Граорковска – Еден случај на насилна кранијална траума на скелет од Источната некропола на Скупи, Д-р Донка Барџиева-Трајковска – Некои нови аспекти од иконографијата на Свети Јован Крстител во црквата Никола во Љуботен, Д-р Лидија Ковачева – Форми на фаталистички верувања кај Aнтичките Македонци, Д-р Никос Чаусидис – „Македонските бронзи“ и религијата на железнодобните култури од Средниот Балкан.
Предавањата беа снимени, а истите ќе бидат објавени како отворен образовен ресурс.