Од каде доаѓаат митовите за отворените образовни ресурси (ООР)?
Движењето за ООР се појави за да го трансформира и демократизира пристапот до образование. Владите, компаниите, наставниците и учениците ширум светот создаваат ООР и ги користат на различни начини. Но, фактот дека се поголем број на проекти и луѓе создаваат ресурси слободни за копирање, комбинирање и споделување без некакви ограничувања не гарантира дека ова ќе доведе до системска промена во образованието.
Проектите за ООР ширум светот се соочуваат со слични бариери: од мало разбирање на идејата за ООР од страна на оние кои одлучуваат (понекогаш и од самите едукатори), до кампањи за јавноста насочени против отвореност. За време на многу работилници и обуки, со наставници и автори на учебници, се открива дека многу од аргументите произнесени против ООР се митови.
Без да се обезбедат доволно информации за придобивките од ООР, постои голем ризик дека наставниците, учениците од сите возрасти и родителите на учениците, ќе го променат нивниот став кон ООР поради убедливи критички гласови (кои доаѓаат главно од комерцијалните едукативни издавачи). Таквата критика е широко забележлива со растот на популарноста на ООР. Важно е да се каже дека лажното алармирање започнува особено кога владите започнуваат да размислуваат за отворени образовни ресурси и инвестираат јавни средства во нивно финансирање и поддршка.
Мапирање на митовите
Со цел да се победат овие митови и недоразбирања, започнато е мапирање и обезбеден е модел на одговори кои може да бидат корисни за луѓето кои лобираат за ООР. Наставниците кои бараат практични одговори за нивните сомнежи и новинарите кои пишуваат за ООР исто така ќе имаат придобивки од ова. Се работи и на водич за побивање на митови кој ќе понуди едноставни и лесни за користење водилки, во форма на прашање и одговор.
Преку истражување меѓу заедницата на експерти за ООР и анализирање на постоечките медиумски извештаи за ООР, се наоѓаат екстремно различни мислења за ООР. Тие се или главен, успешен тренд во образованието – или начин за да се уништи издавачкиот пазар и да се намали квалитетот на предавање.
Слика 1. Кои се најтипичните аргументи кои сте ги слушнале против ООР? Прашалник за експерти од заедницата на ООР.
Што мислат корисниците?
Во друга анкета, спроведена од страна на авторите на извештајот „ООР удар: Професорски и студентски перцепции на ООР“, 11% од наставниците и 6% од учениците сметаат дека квалитетот на учебниците кои се отворен образовен ресурс е понизок од оној на традиционалните учебници кои ги користеле во минатото.
Во сите случаи, овие корисници навеле технички проблеми или генерален слаб квалитет на текстот како причини за давањето на ниска оценка. Сепак, според дефиницијата на наставниците на проблемот, пристапот до интернет и фидбекот и преференците на студентите беа во „сржта на она што ги направи текстовите од ООР полоши за овие наставници“. На пример, еден од наставниците напиша: „Учениците имаат ограничен пристап – тие сакаат печатени извори бидејќи се навикнати на нив“. Друг наставник едноставно напишал, „Тоа е онлајн“.
Овој прашалник отсликува нешто што може лесно да се забележи за време на обуките на наставници и нешто што таканареченото „отвореното перење“ го прави тоа уште полошо: популарна дефиниција за ООР како само бесплатни (гратис) ресурси на интернет. Повеќето од митовите за ООР се засновани на ова погрешно верување. Понатаму, критиката не е конкретно насочена кон ООР, туку кон било кој тип на содржина достапна на интернет. На пример, ООР може да бидат дистрибуирани во многу форми и формати така што аргументот дека на ООР им е потребна инвестиција во специфична опрема е повеќе од неоправдан – како и за сите дигитални ресурси.
Слика 2. Пример на заблуда во врска со ООР, дека сите дигитални, слободно достапни ресурси се отворени во строга смисла
Во извештаите од Boundless и EduCase објавени во 2013, можеме да видиме значаен раст на употребата на ООР. Според EduCase, 71% од испитаниците велат дека користеле слободни достапни отворени образовни ресурси во минатата година, а 10% од нив користат ООР „постојано“.
И двата извештаи се однесуваат само на студентите во САД. Во други земји, како во Белгија, Холандија и Норвешка можеме да забележиме дури и поголема употреба на ООР. Ова е јасен ефект на добро утврдени програми за обезбедување на отворени дигитални ресурси за наставници, поддржани или дури и предводени од владата. Во Белгија, еден од три наставници се регистрирани на платформата KlasCement, и околу 70% од белгиските наставници ја користат. WikiWijs од Холандија има раст од повеќе од 100% годишно на нивото на комбинирање на отворени образовни ресурси достапни на платформата и се проширува кон високо образование.
Тешко е да се презентира дефинитивен извештај, но прибраните аргументи нудат силен доказ за тоа колку се корисни и моќни ООР. Овој тренд ќе се зголемува со промовирањето на ООР од страна на јавните институции и привлекување на корисници кои бараат ресурси кои не само што се поефтини, туку и поприлагодливи. Од овие причини, треба да бидеме подготвени да одговориме на растечкиот број прашања за тоа што се ООР, а што не се.
Перспективата на авторите
Многу организации кои сакаат да создадат едукативни материјали за време на преговорите со авторите откриваат дека многумина од нив имаат волја да ги лиценцираат нивните материјали под слободна лиценца. Како и да е, ова честопати бара надминување на нивните лични стравови во врска со ООР. Многу автори не се запознаени со концептот на слободна лиценца и отворени образовни ресурси. Дури и да слушнат за нив, Saylor.org откри дека „главните грижи ги опфаќаат загубата на контрола над материјалите, комерцијално размножување и загуба на посетеност/профит од реклами“.
Објаснувањето на слободните лиценци е битка со погрешни перцепции и стравови во однос на потенцијалната заработка и загуба. Авторите и издавачите честопати имаат претходни ставови дека издавањето со отворен модел е полошо од традиционалното издаваштво. Не се работи само за намалување на квалитетот, туку и за губење на заработката: парична, посетеност на веб-страницата или зајакнување на брендот на авторот. За ефикасна дискусија и преговори со образовни и научни автори, важно е да се разбере како тие работат и како се платени. Наставниците често пати создаваат многу ресурси како дел од нивната работа, додека авторите на учебниците често пати се платени по договор, не по продадени примероци.
Затоа, важно е да се објасни дека ООР може да бидат произведени и дистрибуирани според неколку модели. Од волонтерска работа (како што е Википедија) – до работа по договор, платена и прегледана како програмите за јавни учебници во Калифорнија и Полска. Авторите исто така избегнуваат да размислуваат за начините за остварување на поголем профит преку преземање контрола над нивната работа, наместо да зависат од посредници како што се издавачите. Неколку нови можности се појавуваат од отвореното издаваштво, а се зголемуваат секоја година, како што сѐ повеќе услуги и нови проекти се фокусираат на ООР. Промените во издавачките модели се исто така дел од предизвиците поврзани со ООР кои треба да се разгледаат.
Побивање на митови
Критиката на ООР има многу корени. Некои од нив се оправдани и дефинитивно бараат повеќе труд од движењето за ООР и проектите вклучени во нивното создавање. Потребно е повеќе истражување за да се изнесе јасен доказ пред оние кои донесуваат одлуки. Од друга страна, многу од аргументите против ООР се засновани на погрешни верувања, за кои исто така има потреба од понатамошно објаснување. Постојано се цели кон мапирање на тоа кои проблеми во врска со ООР се презентирани од медиумите и јавноста, и како тие може да бидат практично одговорени.
Овој напис е дел од проект кој има за цел да ги мапира митовите и пречките околу отворените образовни ресурси, спроведен од Криејтив комонс Полска.
Извор: http://oerpolicy.eu/myths-and-obstacles-open-educational-resources-are-facing