Со цел да остане во чекор со брзиот пораст на корисници на мобилни ширум светот, Светска Банка повторно го лансираше Складиштето за отворено знаење – портал со отворен пристап до публикациите и истражувањата на банката – на надградена платформа, посебно прилагодена за мобилна употреба. Повторно лансираната веб-локација, содржи прилагодлив веб-дизајн кој автоматски се адаптира на големината на екранот на било која направа – без оглед дали се работи за десктоп компјутер, лаптоп, таблет или паметен телефон.
„Знаејќи дека речиси половина од корсниците на Складиштето за отворено знаење се земји во развој каде мобилните уреди се користат се повеќе за да се пристапи до интернет, повторното лансирање на Складиштето со прилагоден дизајн, беше нешто за што не беше потребно размислување“, рече Карлос Росел, издавач во Светска Банка. „Сега, кога корисниците пристапуваат до Складиштето преку нивните паметни телефони или таблети, ќе имаат многу подобрено корисничко искуство“.
Светската Банка и @mire – провајдерот на DSpace кој го поддржува развојот на Складиштето – ги применуваат истите принципи на прилагоден дизајн при развојот на Mirage 2, тема за DSpace која ќе биде бесплатно достапна.
DSpace е платформата со отворен код на која е изградено Складиштето за отворено знаење и се користи од повеќе од 1500 организации ширум светот за нивните институционални складишта.
Надградбата на Складиштето за отворено знаење носи и други кориснички придобивки, како што се подобрено пребарување, поврзани препораки на наслови, подобрени авторски профили, и прифаќање на нова Криејтив комонс лиценца посебно прилагодена за употреба од Меѓународните владини организации (CC BY IGO). Во моментот, повеќе од 13.000 публикации се достапни во Складиштето во .pdf и текст формати. Во иднина, повеќе формати на датотеки ќе бидат додадени, правејќи го мобилното искуство уште подобро за корисниците.
Од лансирањето на Складиштето за отворено знаење во април 2012, има повеќе од 2.6 милиони преземања на публикациите на групацијата на Светска Банка од 231* земји и територии ширум светот. Складиштето неодамна беше опишано од страна на Криејтив комонс како „… еден од најважните центри за економските научници во светот“. Исто така, беше избрано од Американската асоцијација на библиотеки како еден од „Најдобра веб-локација со бесплатни референци во 2013“.
Во наредните недели, Светска Банка исто така ќе лансира и мобилна верзија на е-библиотеката на Светска Банка – веб-локација со посебни карактеристики дизајнирани да ги пресретнат специфичните потреби на истражувачите и библиотеките. Како стандардната веб-локација на е-библиотеката, мобилната верзија ќе овозможува резултати од пребарување на ниво на поглавје за најновите наслови, заедно со неколку кориснички алатки и карактеристики, како што се индивидуални профили за зачувување на пребарувањето и фаворитите, како и прилагодени известувања за содржина.
*Според Гугл аналитикс.