Веб-апликација за поддршка на Декларацијата за отворени образовни ресурси на Македонија

По објавувањето на Декларацијата за отворени образовни ресурси во октомври годинава, Алијансата за отворени образовни ресурси ја промовира веб-апликацијата за потпишување на Декларацијата за отворени образовни ресурси која овозможува сите заинтересирани да ја изразат својата поддршка преку електронско потпишување.

Веб-апликацијата е првата алатка на Алијансата за ООР за мобилизација на широка поддршка за подобрување на отвореното образование во Македонија. Прифаќањето на Декларацијата претставува чекор напред кон унапредување и промовирање на концептот за отворено образование со цел подигање на квалитетот на целиот образовен систем.

Преку оваа апликација и други промотивни настани во наредниот период се очекува Декларацијата да ја потпишат релевантни фактори од образовната и научната заедница, како и од владиниот, граѓанскиот и бизнис-секторот.

Декларацијата за ООР на Македонија се заснова на Декларацијата за отворени образовни ресурси на УНЕСКО донесена во Париз, 2012 година.

Алијансата за отворени образовни ресурси е отворена група на поединци, организации, институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси во Република Македонија.