Поминаа 10 години откако беше придвижена нова иницијатива: Директориумот на списанија со отворен пристап е резултат на уникатен потфат помеѓу Библиотеките на Универзитетот Лунд, поддржан од Информациската програма на Институтот Отворено општество, заедно со Коалицијата за научно издаваштво и академски ресурси (SPARC).
Во февруари 2003, тогашниот програмски менаџер на програмата за отворен пристап на Фондациите Отворено општество, Мелиса Хагеман, рече:
„Списанијата со отворен пристап можат да се натпреваруваат со традиционалните списанија базирани на претплата, доколку библиотекарите и корисниците се свесни за овие наслови, а Директориумот за списанија со отворен пристап е начин да се подигне свеста за нивното постоење.“
За среќа, таа е во право и денес, Директориумот на списанија со отворен пристап е во самото срце на научната содржина со отворен пристап на веб.
Денес Мелиса вели дека:
„Директориумот постана важна референтна алатка за научната комуницирачка заедница. Во 2002, кога ФОО помогна да се дефинира Отворениот пристап, мислевме дека нема да биде доволно едноставно да повикаме на развој на списанија со отворен пристап, но знаевме дека мора да постои водич или директориум каде корисниците ќе можат да најдат и да им пристапат на овие отворени ресурси. Притоа, ни беше драго да го поддржиме развојот на Директориумот за списанија со отворен пристап и горди сме да видиме дека сега тоа е ресурс кој се користи од страна на библиотеките ширум светот.“
Денес, Директориумот на списанија со отворен пристап добива повеќе од 12 милиони барања за страници, архивира списанија на 51 различен јазик, од 119 земји, и се користи низ целиот свет.
Денеска е тешко да се замисли свет без моделот на објавување со отворен пристап, без содржина со отворен пристап слободно достапна онлајн за користење, повторна употреба и додавање од страна на сите. Во 2002, приказната беше поинаква, а моделот на отворен пристап се бореше да ги задржи колекциите со списанија како што нивните буџети се кратеа, а цените за претплата растеа.
Движењето за отворен пристап се сметаше за радикално, гледано со потсмев од стана на традиционалните издавачи. Затоа, една од примарните задачи при оформувањето на Директориумот на списанија со отворен пристап беше да се зголеми видливоста на веб и во библиотеките со содржини со отворен пристап. Кој би помислил дека за 10 години, ќе имаме научна содржина од етаблирани издавачи која се натпреварува со содржина од нови територии, новосоздадени списанија и списанија со експериментални бизнис и издавачки модели? А сепак, содржината индексирана во Директориумот на списанија со отворен пристап денес, е сето тоа и повеќе.
Со текот на годините, списанијата со отворен пристап рапидно се развија, па така се соочени со барањата и очекувањата на онлајн заедниците кои ги консумираат објавените информации.
Директориумот на списанија со отворен пристап веќе започна стратешки партнерства со цел да продолжи во наредните 10 години: нов дом под менаџментот на Инфраструктурните услуги за Отворен пристап, нова платформа имплементирана од SemperTool и нови, построги критериуми за вклучување на списанија во Директориумот.
Главниот директор на Директориумот на списанија со отворен пристап, Ларс Бјорнсхауге, рече:
„Многу сме благодарни за поддршката од сите наши членови, поддржувачи и спонзори, и почестени сме што Директориумот на списанија со отворен пристап достигна таква пресвртница. Иако постигнавме значаен напредок во 2013, сметам дека има уште многу што може да направиме. Се надевам дека Директориумот на списанија со отворен пристап ќе може да смета на поддршката од заедницата и ќе ни дозволи да ги достигнеме нашите цели во текот на наредните 10 години.“