Што се отворени образовни ресурси?
Концептот за Отворени образовни ресурси (ООР) ги опфаќа сите образовни ресурси, вклучувајќи ги и наставните програми, материјали од курсеви, учебници, онлајн-видеа, мултимедијални програми, поткасти, како и секаков друг материјал кој е дизајниран за употребување во настава и при учење, кои се бесплатно достапни за употреба од страна на наставници и ученици, без потребата од плаќање надомест за авторски права или такси за лиценца.
Која е разликата помеѓу отворените образовни ресурси и е-учењето?
Отворените образовни ресурси не претставуваат синоним на онлајн-учењето, иако понекогаш наизменично се користат и двата термини. Содржините објавени со отворена лиценца можат да бидат продуцирани во кој било медиум: печатен текст, видео, аудио или мултимедијални. Иако многу онлајн-курсеви користат отворени образовни ресурси, тоа не значи дека отворените образовни ресурси се всушност е-учење.
Кои се придобивките од користењето на отворени образовни ресурси?
ООР нудат можност за колаборативен развој на образованието, каде што и самите ученици се активни учесници во креирањето и планирањето на наставната програма, заедно со стручните лица задолжени за тоа. Тие ги намалуваат трошоците за образование и економските разлики меѓу социјалните слоеви во општеството, го овозможуваат пристапот до знаење без разлика на географската положба, ја поттикнуваат креативноста, го јакнат образовниот кадар, поттикнуваат развој и ефикасна примена на слободниот софтвер во образованието, придонесуваат за збогатување на светската ризница на споделени знаења и ги подобруваат квалитетот и ефективноста на образованието.
Кои се ризиците од плагијат?
Можностите за плагијат се без малку и непостоечки, бидејќи споделениот ресурс е подостапен за стручна проверка, која истовремено проценува дали се работи за плагијат.
Дали отворените образовни ресурси се бесплатни?
Да. Содржината со отворен карактер може бесплатно да се споделува, без притоа да се бара каква било дозвола. Освен трошокот за интернет и преземање, отворените образовни ресурси се целосно бесплатни.
Кој гарантира за квалитетот на отворените образовни ресурси?
Самите објавувачи, институции, просветни работници, научници итн., гарантираат за квалитетот на отворените образовни ресурси, бидејќи нивното име и реноме стои зад изработката на материјалот. Материјалот истовремено е подложен и подостапен за стручна критика од страна на лица чие поле на дејствување соодветствува со полето во кое се објавува самиот отворен образовен ресурс. Па така, во изминатите години, образовни ресурси со висок квалитет беа бесплатно споделени за слободна употреба од повеќе почитувани образовни институции, како и од стотици меѓународно признати научни работници.
Дали отворените образовни ресурси можат да се користат конвенционално, како учебници?
Отворените образовни ресурси можат да се прегледуваат и печатат исто како и конвенционалните учебници. Единствената разлика е во цената. Комерцијалните учебници неретко чинат и илјадници денари, додека учебниците засновани на ООР ќе чинат само колку што чини потрошената хартија и мастило за печатачот. Дополнително, скратувањето на трошоците за учебници преку употребата на отворените образовни ресурси би овозможила пренасочување на овие средства кон други потребни намени, како подобрување на образовните капацитети и повисоки плати за наставниците.