Иако ООР имаат академски и истражувачки историјат, нивните принципи се најпрецизно дефинирани од страна на ООН и УНЕСКО, кои имаат цел пошироко да ги промовираат предностите и придобивките од нив. Целта е да се олесни пристапот до средствата за едукација и да се надмине јазот помеѓу богатите и сиромашните земји, и слоеви во самите земји. Правото на образование и достапност до средствата за едукација е едно од најважните права на човекот за кое општествата мора да водат грижа. Покрај Обединетите нации и УНЕСКО, некои од поголемите подржувачи на активностите во прилог на ООР се „Организацијата за економски развој и соработка“ (OECD), голем број престижни универзитети, помеѓу кои и споменатиот „MIT“ и многу други.
Некои од позначајните придобивки од овој приод и од работењето врз принципите на ООР се отворената енциклопедија „Википедија“ (www.wikipedia.org), „Викиедукатор“ (http://wikieducator.org), „ОЕR Commons“ (http://www.oercommons.org), OCW конзорциумот (http://ocwconsortium.org/), и редица други проекти изведени во десетици земји ширум светот кои го прават образованието поотворено и подостапно за сите кои се заинтересирани за учење и продлабочување на знаењата. Генерално земено, се работи за процес кој сé повеќе вклучува иновативни методи и средства кои охрабруваат и поттикнуваат споделување и соработка во сферата на учењето и истражувањето, така што се очекува ООР движењето да се развива интензивно и сé повеќе да ги остварува своите цели кои стремат кон „отворено образование“.
Во Европа главна улога во овој процес ја презема Европската унија (ЕУ) преку нејзиниот проект „OLCOS“ (Open eLearning Content Observatory Services) како дел од програмата на ЕУ за електронско учење (eLearning). Целта на овој проект е „оформување на информациски онлајн центар кој ќе ги промовира концептите на ООР, нивно создавање и употреба, и особено на Отворените дигитални образовни содржини“ (ОДОС).
Конечно, самата идеја на ООР најмногу е предусловена од волјата и ентузијазмот на самите работници во образованието и научниот процес. Нивната енергија и волја за поврзување, олеснување на здобивањето на знаења, наоѓање начини како да ги мотивираат и организираат оние кои ги едуцираат, поттикнувањето на желбата за знаење и образование кај младите, но и сите останати кои веруваат дека учењето е целовечен процес, е далеку најважниот фактор. ООР најмногу им припаѓаат на самите учесници во образовниот процес и нивната посветеност кон отвореното образование.