Иако ООР имаат академски и истражувачки историјат, нивните принципи се најпрецизно дефинирани од страна на ООН и УНЕСКО, кои имаат цел пошироко да ги промовираат предностите и придобивките од нив. Целта е да се олесни пристапот до средствата за едукација и да се надмине јазот помеѓу богатите и сиромашните земји, и слоеви во самите земји. Правото на образование и достапност до средствата за едукација е едно од најважните права на човекот за кое општествата мора да водат грижа. Покрај Обединетите нации и УНЕСКО, некои од поголемите подржувачи на активностите во прилог на ООР се „Организацијата за економски развој и соработка“ (OECD), голем број престижни универзитети, помеѓу кои и споменатиот „MIT“ и многу други.
Некои од позначајните придобивки од овој приод и од работењето врз принципите на ООР се отворената енциклопедија „Википедија“ (www.wikipedia.org), „Викиедукатор“ (http://wikieducator.org), „ОЕR Commons“ (http://www.oercommons.org), OCW конзорциумот (http://ocwconsortium.org/), и редица други проекти изведени во десетици земји ширум светот кои го прават образованието поотворено и подостапно за сите кои се заинтересирани за учење и продлабочување на знаењата. Генерално земено, се работи за процес кој сé повеќе вклучува иновативни методи и средства кои охрабруваат и поттикнуваат споделување и соработка во сферата на уењето и истражувањето, така што се очекува ООР движењето да се развива интензивно и сé повеќе да ги остварува своите цели кои стремат кон „отворено образование“.
Во Европа главна улога во овој процес ја презема Европската унија (ЕУ) преку нејзиниот проект „OLCOS “ (Open eLearning Content Observatory Services) како дел од програмата на ЕУ за електронско учење (eLearning). Целта на овој проект е „оформување на информациски онлајн центар кој ќе ги промовира концептите на ООР, нивно создавање и употреба, и особено на Отворените дигитални образовни содржини“ (ОДОС).
Конечно, самата идеја на ООР најмногу е предусловена од волјата и ентузијазмот на самите работници во образованието и научниот процес. Нивната енергија и волја за поврзување, олеснување на здобивањето на знаења, наоѓање начини како да ги мотивираат и организираат оние кои ги едуцираат, поттикнувањето на желбата за знаење и образование кај младите, но и сите останати кои веруваат дека учењето е целовечен процес, е далеку најважниот фактор. ООР најмногу им припаѓаат на самите учесници во образовниот процес и нивната посветеност кон отвореното образование.