- Литературата со отворен пристап е високо квалитетна и работена по стандарди.
- Отворениот пристап е компатибилен со печатеното издаваштво. Тој се однесува на онлајн слободен пристап до литература од научно-истражувачки списанија, без да ја исклучува можноста за наплатување на пристапот до истите материјали во печатена форма.
- Плагијатот полесно се открива за делата со отворен пристап.
- Во голем број случаи, авторите имаат можност да ги објават своите дела со отворен пристап и покрај тоа што издавачот на тие дела ги поседува авторските права за печатеното издание.
- Делата со отворен пристап може да се објават под Криејтив комонс.
- Отворениот пристап е економски изводлив, им дава на читателите извонредна моќ да најдат и користат релевантна литература, а на авторите и нивните трудови им дава огромна нова мерлива видливост, читаност и влијание.
- Отворениот пристап овозможува споредување на резултати и создавање на нови податоци и ново знаење базирано на резултати од претходни истражувања.
- Отворениот пристап ја зголемува стапката на цитирање.
- Отворениот пристап овозможува дологовечно одржување на научно-истражувачките дела и напредок на научната дејност.
- Содржините со отворен пристап овозможуваат заштеда на време и пари – побрзо и поевтино е да се одржува списание со отворен пристап на интернет, отколку да се инвестира во дизајнирање, подготовка за печатење, печатење и дистрибуција на списанијата во неелектронска верзија.
„Како што повеќе трудови се поставуваат и повеќе научници ги користат складиштата, така времето помеѓу поставувањето на написот и цитирањето на написот од други, драматично се намалува од година во година.“ – Тим Броди
Зголемувањето на достапноста на содржини со отворен пристап значи инвестиција во ново знаење, кое е основа за ширење на отворени образовни ресурси. Така, двете филозофии за отвореност во пристапот до знаење, неразделно придонесуваат за поквалитетно образование и поразвиена научна дејност.