Од претстојниот септември, во образовниот систем влегува нов наставен предмет Сеопфатно сексуално образование. Предметот, кој всушност станува дел од основното образование, се воведува во деветто одделение. Оваа новина предизвика низа реакции во јавноста, а се ширеа и лажни вести со цел јавноста да се заплаши и доведе во заблуда. Дилемите и нејасностиите ги разјаснија одговорните во Бирото за развој на образованието (БРО), од каде што најавија дека предметот сексуално образование ќе биде изборен, односно со доброволно учество на учениците врз основа на претходно спроведена анкета и со потврдена согласност од страна на нивните родители.
Всушност, се работи за пилот-прoект кој ќе опфати четири училишта, „Јан Амос Коменски“ во Карпош, „Кузман Шапкарев“ во Кисела Вода, „Лирија“ во Чаир и „Братство Мигени“ во Тетово.– Ќе се направи евалуација на резултатите и соодветно интегрирање на ова образование во наставните курикулуми. Изборот на училиштата е заедничка одлука на имплементаторите на пилот програмата. Се внимаваше училиштата да бидат – првото од рурална средина, второто централно градско подрачје на македонски наставен јазик, третото од централно градско подрачје на албански јазик и едно каде има и македонски и албански наставен јазик. Во подготвителниот период за имплементација на пилот проектот, изготвена е наставна програма за Сеопфатно сексуално образование за 9.одделение и Прирачник за наставници – велат во БРО.