Балканскиот натпревар Back to Belgrade 2021 донесе голем успех за македонските натпреварувачи во кјубинг, информираат од Македонската Кјубинг Асоцијација. Александар Арсовски го постави новиот македонски рекорд 2:08.53 во решавање на Рубиковата коцка без гледање (3×3 Blindfolded) и воедно го освои второто место на балканскиот натпревар.
Извор на фотографија: Фејсбук профил на Македонска Кјубинг Асоцијација
На натпреварот во Белград, Ѓорѓи Чешмеџиевски успеа да сруши 13 национални рекорди (3×3 Single, 3×3 Average, 4×4 Single, 4×4 Average, Skewb, 5×5 Single, 5×5 Mean, 6×6 Single, 6×6 Mean, Pyraminx, Megaminx, 7×7, 7×7 Average) и да освои два златни и три бронзени медали во конкуренција со едни од најдобрите кјубери во Европа и светот.
Back to Belgrade 2021 се одржа на 10 и 11 јули во српскиот главен град, додека лимитот на учесници беше ограничен на само 30 натпреварувачи од осум земји. На натпреварот во Белград учествуваше и светскиот рекордер во 4×4, Себастијан Вејер.
Македонската Кјубинг Асоцијација е основана во август 2018 година, а големиот интерес за редење на Рубиковата коцка во земјава доведе до успесите со освоени медали и поставените национални рекорди.
Извор: Мета.мк