Министерството за образование и наука изразува жалење што денеска повторно поради опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Северна Македонија испуштена е можноста за усвојување на измените на Законот за наставници и стручни соработници со кои се обезбедуваат повеќе права и се унапредува економскиот и општествен статус на оние од кои најмногу зависи квалитетот на воспитно – образовниот процес и создавањето на перспективни генерации на млади.
Очигледно е отсуството на интерес кај претставниците на најголемата опозициска партија во парламентот, за придонес кон подобрување на состојбите во областа на образование, првенствено преку подигнување на мотивацијата за работа на наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта во државата. А тоа е нешто што го обезбедува ова современо законско решение.
Потсетуваме дека измените на Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта првенствено обезбедуваат економска и правна сигурност на наставниот и стручниот кадар. Имено, законот уредува дека сите нови вработувања во училиштата ќе бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.
Законското решени овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата.
За целосната изјава, кликнете тука. Изјавата е преземена од веб страницата на Министерството за образование и наука.