Брзи тестови за учениците кои ќе одат со физичко присуство од септември, можност родителите да изберат дали децата ќе им учат во училница или од дома, како и можност за наставниците кои сакаат, да предаваат од дома. Ова се трите барања на членовите на Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава“, кои ги доставиле до надлежните во Министерството за образование и наука, како и до Комисијата за заразни болести.
„Како група која ја поддржува онлајн наставата одлучивме дека е потребно да се обратиме до МОН со нашите барања и размислувања во насока за начинот на кој ќе се одвива наставата во наредната година имајќи предвид дека во јавноста ова прашање станува сè поактуелно“, се вели во писмото од групата „Поддршка на онлајн настава“ доставено до МОН.
Тие понатаму се заблагодаруваат за успешното реализирање на онлајн наставата од страна на МОН за 2020/2021 година.
„Посебно загрижува делта варијантата на ковид, за која е само прашање на време кога ќе се прошири и кај нас, бидејќи во останатиот дел од Европа епидемиолошката ситуација се влошува како резултат на рапидно ширење на истата“, наведено е како аргумент за барањата во писмото.
Таму стои дека земјите како Велика Британија и Израел, кои, како што велат, се далеку пред нас по бројот на вакцинирано население и до месец мај имаа големо намалување на пандемијата, во моментов се соочуваат со зголемени случаи на заразеност од делта-варијантата, и тоа кај учениците кои заразата ја шират во училиштата.
„Најавувате дека подготвувате протоколи за настава со физичко присуство за сите ученици од 1 септември 2021. Сите сме свесни дека на децата им е потребен секојдневниот живот каде се дружат со своите врсници во училиште и квалитетно го поминуваат своето време во образовниот процес, но во време на ваква опасна по живот заразна болест приоритет ни е здравјето на нашите деца. Исто така, веќе имаме позитивно искуство со онлајн наставата според кое знаеме дека во време на пандемија, таа е одлична замена за да се зачува доброто здравје, а сепак се продолжи со едукацијата“, наведено е во писмото.