Информациските и комуникациските технологии, ако се користат на соодветен начин, можат да придонесат за значително подобрување на квалитетот на животот, работата и на создавање нови вредности, со што се оправдуваат напорите за имплементација на овие технологии. Ова го посочува Саша Огненовски од ИКТ Комората на Македонија, а во врска со полемиките во јавноста околу воведување на дигитализација на учебниците во образовниот процес.
„Овој став ИКТ Комора го афирмира и промовира во изминатите десетина години, со цел овие технологии да станат дел од институционалните политики со посебен акцент на нивната важност за унапредување на процесот на образование. За жал, досега нема значаен квалитет и напредок на ова поле, за што зборува и континуираното назадување на образовниот систем“, соопштуваат од ИКТ Комората.
Но, додаваат дека, внимателно треба да се пристапува кога се во прашање основното и средно образование. Квалитет може да се постигне единствено доколку процесот е прифатлив за сите засегнати страни, бидејќи воведување на новите процеси во образованието ангажира и дополнителни средства за сите вклучени.