По усвојувањето на Концепцијата за основно образование на седница на Владата во вторникот, следна фаза е да се изработат наставни програми за прво и за четврто одделение во кои од наредната учебна 2021/2022 година треба да почне нејзината постепена имплементација.
Министерката за образование и наука Мила Царовска пред десетина дена соопшти дека МОН наскоро ќе објави повици (огласи) за подготовка на наставните програми на кои ќе може да аплицираат автори и експерти кои, како што рече, сакаат да придонесат во градењето ново, современо македонско образование. Вчера таа ги повика сите наставници и професори да се вклучат во подготвувањето квалитетни програми согласно со Концепцијата, за која рече дека е усвоена од Владата откако претходно три месеци имаше дебата и беа вклучени сите засегнати страни.
На увид во градежните работи за доградба на основното училиште „Димитар Поп Георгиев-Беровски” во населбата Хром, Царовска нагласи дека новата концепција значи и нов стандард и нов квалитет во образованието, но, исто така, и подобрување на инфраструктурата во која се одвива наставата.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше со тврдење дека тоа се само празни зборови зашто ништо од кажаното не е поткрепено со факти. Опозициската партија ја повика Царовска да објасни „каков е тој нов стандард и квалитет само со наставен план без наставни програми за кои допрва ќе распишува конкурс, а наставниците ќе ги обучува преку летото”.
За целосниот текст, кликнете тука. Извор: Слободен Печат