Процесот на дигитализација на образованието како една од приоритетните цели во програмските определби на Владата и Министерството за образование и наука (МОН) со цел модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор, меѓу другото подразбира и дигитализација на услугите кои им се нудат граѓаните, информираат од МОН.
„Во таа насока, МОН подготви акциски план кој предвидува промена на начинот и поедноставување на постапките преку кои граѓаните можат да се обратат за да добијат одредена услуга со цел остварување на одредено право. По конкурсите за стипендии, се дигитализира и постапката за признавање на образовни квалификации од основно, средно и високо образование стекнати во странство. За таа цел, изготвени се електронски услуги преку кои ќе може да се поднесува барање за нострификација и еквиваленција на образовни квалификации стекнати надвор од Република Северна Македонија, заедно со сите неопходни документи согласно постоечките правните прописи, а воедно и ќе се врши електронско плаќање. Изработениот позадински софтвер овозможува електронско водење и решавање на предметите од страна на комисиите во Министерството за образование и наука,“ се вели во соопштението.