Ако ученик, за време на онлајн час се однесува вулгарно и недолично, односно дискриминира или користи непристојни зборови, вербално напаѓа и навредува соученици и наставник или пак, ако поттикнува електронско насилство и испраќа вознемирувачки коментари, ќе биде отстранет од часот и ќе добие неоправдан изостанок.
Ова е наведено во Правилникот за однесување на наставниците и учениците за време на онлајн наставата, кој Министерството за образование и наука (МОН) неодамна им го испрати на училиштата, а наставниците на одделенските часови им го читаа на учениците за да ги запознаат со правилата.
Во документот стои дека наставниците и учениците мора да создадат атмосфера за учење, почит и соработка и дека треба да промовираат учечко – поучувачка ефективна комуникација, како и активно да учествуваат во виртуелната училница.
„Ако ученикот е отстранет поради некоја од овие причини, ќе биде евидентиран како неоправдано отсутен и против истиот може да биде поведена дисциплинска постапка“, стои во правилникот.
Часовите е забрането да се снимаат. Се препорачува сите камери на учениците да бидат вклучени, освен ако поради техники причини односно слаба Интернет-врска, наставникот не наложи поинаку.