Нема да дозволиме нашите ученици да не се стекнат со знаења од историја, географија или содржини од друга научна дисциплина, но тоа ќе биде на начин што ќе биде прилагоден на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и начин кој го претставува светот, процесите и појавите во неговата поврзаност и единство. Ова е ставот на надлежните во Бирото за развој на образованието (БРО), по најавите за новата концепција на основното образование, а посебно по најавите за спојување на неколку предмети во еден.
Оттаму информираат дека промените кои се планираат во однос на наставните предмети, ќе започнат од идната година и ќе се воведат во прво и во шесто одделение.
– Во работната група за концепцијата за основно образование учествуваат универзитетски професори, наставници, претставници од Бирото. За наставниот предмет Општествени науки, учествуваат и експерти/универзитетски професори по историја, антропологија, географија, како и наставници од меѓународни училишта кои го пренесуваат своето искуство во реализацијата на наставниот предмет Општествени науки во различни земји. Во овој момент, пред јавната расправа зборуваме и презентираме концепт, а не конкретни наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултати од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование) – информираат во Бирото.