За подобрување на квалитетот на учење неопходно е да се подобри квалитетот на учебниците и другите наставни средства. Ова го констатираат голем број наставници, истакна Ајше Ајрулаи, раководител на сектор во Бирото за развој на образованието за време на гостувањето во дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ 21.
„Дури 74 проценти од наставниците истакнуваат дека е потребно да се подобри квалитетот на учебниците и другите наставни средства“, рече Ајрулаи.
Ајрулаи нагласи дека пред да почне исцртувањето на новата концепција за основно образование се консултирани други концепции, документи, направено е истражување на ставови на наставници и искуства од други земји, анализирани се најразлични концепти. Истражувањето на ставовите на наставниците покажало дека незадоволството од содржините на учебниците е навистина големо.
Со новата концепција учебникот нема да биде единствен извор за учење.
„Новата концепција за основно образование оди кон иновирање и на материјалите од кои ќе учат учениците. Учебникот е само едно од наставните средства. Се оди кон дигитализација и на учебниците со што наставата ќе стане поинтерактивна“, рече Ајрулаи.
Фактот што наставните програми нема да бидат содржински насочени, туку ќе бидат насочени кон резултатите од учење, ќе им овозможи на наставниците слобода на користење различни методи и активности кои ќе поттикнат развивање на сите потенцијали и интереси на учениците. Ајрулаи објасни дека учењето нема да биде врзано само со еден извор и ќе може да користи различни извори за учење.
„Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискусните професори. Тие ќе бидат во електронска форма, а за учениците што немаат можност да ги користат електронски, ќе може да се испечатат“, рече Ајрулаи.