Одмина месец и пол откако започна учебната година, а денеска учениците треба да ги имаат првите оценки. Овој пат, наставниците и професорите имаа покус временски период да ги оценат основците и средношколците за разлика од минатите години кога учебната година започнуваше на први септември. Наставниот кадар вели дека ова се одразило на работата и согласни се дека постои разлика во оценувањето преку онлајн пристапот, како и за тоа дека првите оценки можеби и нема да бидат најреални, но дека следните во текот на годината поверодостојно ќе го отсликуваат знаењето на учениците.
Наставничката по информатика, Георгина Димова од Основното училиште „Страшо Пинџур“ во Неготино, во изјава за Мета.мк вели дека на часовите се труди активно да вклучи што повеќе ученици преку поставување на прашања во текот на лекциите, како и потсетување на минатите содржини, сè со цел да утврди колку учениците научиле, дали ја разбираат материјата, но и да ги држи активни и концентрирани на лекцијата која ја предава.
Оваа учебна година при формирање на оценки наставниците треба да ги следат упатствата утврдени од Бирото за развој на образование. Во случаите каде што од различни причини за еден ученик не ќе може да се формира оценка онлајн, наставникот ќе треба да се организира индивидуални средби.