По повот „Неделата на отворено образование 2020“, тимот на ООР од Фондацијата Метаморфозис оствари презентација и работилница со наставниот кадар во училиштата „Дитурија“ и „Браќа Рамиз и Хамид“, во скопско Љубин и Шуто Оризари.
Заинтересираните наставнички и наставници од училиштата имаа можност да дознаат повеќе за концептот на Отворени Образовни Ресурси (ООР), како и за конкретни алатки и препорачани софтвери кои се користат во нивно создавање. Воедно, беше презентиран и веб сајтот www.oer.mk, кој меѓу другото, служи како централно локација за создавање, споделување, и преземање ООР, како и за соработка помеѓу сите заинтересирани за подобрување на квалитетот на образованието преку користењето на ООР.
„Неделата на отворено образование 2020“, претставува еден од најистакнатите глобални настани, кој оддава признание на високите достигнувања и извонредност во отвореното образование. „Неделата“ започна на 2 март, а ќе трае до 6 март, годинава. Целта е да се подигне свеста и да се прикаже влијанието на отвореното образование врз наставата и учењето ширум светот.
Фондацијата Метаморфозис, преку активностите во проектот „Отворени Образовни Ресурси“ останува посветена на зголемување на квалитет на образованието, преку слободно споделување на знаењето, и користење на иновативни технологии, вклучително и во рамки на образовниот процес. Проектот „Отворени Образовни Ресурси“ се спроведува со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.