Декларацијата за отворени образовни ресурси одблиску (2)

 Еден од клучните аспекти на ООР и на Декларацијата за ООР е односот кон авторските права и лиценцирањето на авторските трудови. Во овој дел тој афримативен однос се дефинира на следниот начин:

(ООР имаат за цел) да го промовираат разбирањето и употребата на рамките за отворено лиценцирање. Да ја олеснат повторната употреба, измената, комбинирањето и редистрибуцијата на образовни материјали низ целиот свет преку отворено лиценцирање кое се однесува на голем број рамки што овозможуваат различни видови употреба, истовремено целосно почитувајќи ги авторските права на сопствениците на содржините.

Отвореното лиценцирање, од кое најкористено е лиценцирањето на „Creative Commons“ помага содржините полесно да се објавуваат и споделуваат, а авторските права да бидат задржани и заштитени. На оваа линија функционира и ООР и ставот на Декларацијата.

ООР материјаите секогаш треба да се авторски референцирани и потпишани. Со самото тоа што содржните можат слободно да се преземаат и споделуваат, не се отстапува од грижата јасно да се припише авторството, односно кој е заслужен за изработката на материјалите, во чија оригинална сопственост е и под кои услови таа може да се споделува и дистрибуира.

Различните видови лиценци на „Creative Commons“ овозможуваат јасно да се одреди не само авторството, туку и правилата и начините на користење и споделување, дефинирани од самиот автор. На тој начин авторот на содржината се здобива со правна контрола над содржината, откако одлучил да ја направи достапна по одредени услови на интернет.

Со ова во одделни категории се поставуваат (а) споделувањето и отвореноста на содржините од компонентата на (б) компензација на авторот за својот труд. Авторот компензацијата за својот труд може да ја уреди во склад со своите проценки и преференци, и во исто време да ја зачува отвореноста на креираната содржина со тоа што ќе овозможи споделување на делови од содржината, ќе ги контролира формите за споделување, како и условите под кои отворената содржина може да се репродуцира или менува.

ООР на овој начин помага да се спречат одредени аномалии во објавувањето и користењето на образовните содржини како што е т.н. „двојно оданочување“, присутно и кај нас, односно кога образовните материјали се помогнати од даноците на граѓаните, за да тие повторно не бидат слободно достапни, односно граѓаните мораат да ги купат како и другите комерцијално овозможени содржини.