Повторното отворање на училиштата не смее да чека, велат од УНЕСКО и УНИЦЕФ

По 18 месеци од почетокот на епидемијата со коронавирусот, образованието за милиони деца е сè уште нарушено, а заклучно со денеска затворени се основни и средни училишта во 19 земји, што директно влијае на над 156 милиони ученици, велат во заедничка изјава извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор и генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај.

Па оттука, тие велат дека ова не треба да продолжи, односно дека училиштата треба последни да се затворат, а први пак да се отворат. Исто така, тие посочуваат дека во напорите да се ограничи ширењето на пандемијата, владите најчесто ги затворале училиштата и ги држеле затворени подолго време, дури и кога епидемиолошката состојба не го оправдувала тоа.

„Ваквите постапки честопати беа прво средство, наместо последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, додека баровите и рестораните остануваа отворени. Загубите што ќе ги претрпат децата и младите од неодењето на училиште никогаш нема да бидат надоместени. Почнувајќи од загуба на знаење, преку вознемиреност, изложеност на насилство и злоупотреба, па сè до пропуштени оброци и вакцинации во училиште или намален развој на социјални вештини, последиците по децата ќе се почувствуваат во нивните образовни резултати и општествен ангажман, како и по физичкото и менталното здравје“, се додава во соопштението на двете организации.

Често, како што додаваат тие, најпогодени се децата во средини со недоволно средства, кои немаат пристап до алатки за далечинско учење и најмалите деца кои се наоѓаат во клучните фази на развој.

За целиот текст, кликнете тука. Извор: Радио МОФ