На 14 јуни започнуваат уписите во средните училишта за учебна 2021/2022 година

Уписите во средно образование ќе се реализираат преку три пријавувања во текот на следниот месец, почнувајќи од 14 јуни, информираат од Министерство за образование.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после јунскиот рок, поточно на 23 август, за што доставуваат доказна документација.

„Идните средношколци имаат доволно време да размислат каде ќе продолжат да се образуваат. Препораката на Министерството за образование и наука е одлуката да се носи исклучиво согласно личните убедувања и афинитети на учениците, но предвид секогаш да се имаат и информациите за тоа каков кадар е потребен во стопанството, а согласно кои, средното стручно образование обезбедува поголема веројатност за брз и успешен настап на пазарот на трудот,“ се вели во соопштението.

Конкурсот за учебната 2021/2022 година предвидува во 109 средни училишта вкупно 30.053 слободни ученички места во 913 паралелки, од кои 19.602 во стручно образование во 604 паралелки, 9.261 во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 ученички места во 35 паралелки во уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко – информатичка гимназија.

Фокусот е ставен на стручното образование како образование на сегашноста и иднината.

Во изминатиот период Министерството за образование во соработка и со поддршка од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@мк) и Швајцарската агенција за развој и соработка ја реализираа кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која има за цел да ја подигне јавната свест за средното стручно образование, да едуцира и информира за неговата важност за националната економија преку унапредување и усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд.

За целосниот текст, кликнете тука. Извор: Мета.мк