Неискористен е потенцијалот на отворените образовни ресурси во руралните средини

         Photo by Daria Shevtsova from Pexels

Во последната година, сведоци сме на сè поголемите нееднаквости предизвикани од ковид-19 пандемијата и во нашата земја, односно, ги следиме глобалните трендови кога станува за ефектите од пандемијата врз различните групи во општеството. Непропорционално се погодени региони со послаб економски развој, руралните средини, и средините каде инфраструктурата е застарена, или недоволно квалитетна.

За жал, токму во вакви средини се добар дел од основните и средните училишта во нашата земја. Бавниот интернет, застарената ИКТ инфраструктура во самите училишта, но и пристапот до образовни помагала (пред сè, учебници) одиграа голема улога во квалитетот на образованието кое овие ученици го добиваат во изминатава година. Според д-р Ирина Сотирова Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), во 14 основни и средни училишта воопшто немало ни основни услови за спроведување настава со физичко присуство, во септември 2020 година, известува „Досие.мк“.

„Тие што живеат во руралните средини или пак тие кои имаат посебни потреби за учење се најпогодени. Голем број училишта во Северна Македонија не користат Zoom или други платформи за конференциски повик со опција за видео, односно за онлајн видео-часови. Наместо тоа користат Google Classroom, Edmodo, Viber и тие го испраќаат материјалот за учење во PDF формат, што води до нееднаквости во образованието – изјавија за „Радио МОФ“ од Сојузот на средношколци минатата учебна година, додека траеше задолжителната настава-од-далечина.

Според пишувањето на „Радио МОФ“, Сојузот на средношколци уште во 2019 година укажувал на многубројни технички грешки во содржината на учебниците, како и на фактот дека учебниците продолжуваат да циркулираат од ученик на ученик повеќе од 5 години, што е спротивно на законските прописи. Воедно, не постои корелација помеѓу наставните програми и наставните предмети.

Дополнително, токму во добар дел од руралните средини или оние со послаб економски развој, имаме голем број случаи каде и самата настава се изведува на друг јазик од македонскиот, односно на некој од јазиците на помалите заедници – српски, турски, босански. Добро познат предизвик, и пред почетокот на пандемијата, беше (и за жал, сè уште е актуелен) недостатокот од основни образовни помагала – учебници, на сите јазици на кои се изведува наставата.

Кој е резултатот тогаш, кога од една страна имаме недоволно добра инфраструктура во овие населени места, но од друга страна, и отсуство на основни наставни помагала на сите јазици на наставата, вклучително и во дигитална форма (како што одредено време беше задолжителната настава-од-далечина)? Се разбира, крајниот резултат е образовен процес со драстично намален квалитет, и во некои случаи, целосен прекин на наставата, поради немање основни услови за нејзино спроведување.

Во многу наврати во изминатите години, Фондацијата Метаморфозис укажува на потенцијалот кој отворените образовни ресурси го имаат за кревање на квалитетот на образованието. Придонесот кој ООР можат да го дадат во овој контекст е од огромно значење, особено кога станува збор за средини каде има хроничен недостаток на традиционални наставни помагала. Во рамки на истражувањето кое Метаморфозис го спроведе во периодот 26 јуни – 27 август, 2020 година, се нотираа низа забелешки, но и потреби кои самиот наставен кадар ги потенцира во одговорите. Истражувањето покажа дека речиси една третина од наставниот кадар (31,6 проценти), интернет на училиште има само на својот мобилен телефон. Исто така, резултатите покажаа дека голем број наставнички и наставници во наставниот процес реализиран онлајн се соочиле со предизвици од административна природа, како што е недостигот на јасни насоки за водење електронско портфолио (82,4 проценти) и, особено, јасни насоки за процесот на оценување (85 проценти).

Во рамки на истражувањето беа спроведени и 3 фокус-групи, каде особено се потврдија наодите во однос на достапноста (и брзината) на интернетот во руралните средини, но и достапноста на печатени учебници. Со ставот „Во наставата има задоволителна застапеност на материјали на сите јазици на кои се спроведува наставата“ се согласија 45 проценти од испитаниците, додека 70 проценти од наставниците кои ја спроведуваат наставата на друг јазик (различен од македонскиот), не се согласија со овој став.

Во однос на учебниците и другите образовни ресурси, речиси сите учесници (93,9 отсто) се согласија со ставот дека за успешна онлајн настава е потребно целосно или делумно адаптирање на учебниците.

Сепак, без систематска поддршка во создавање, споделување, и промовирање на ООР, почнувајќи од надлежните институции, па преку академската заедница, но и практичарите – самите наставници и наставнички, позитивната улога која истите можат да ја имаат врз заедницата едукатори и врз самиот образовен процес останува непостојана и неискористена.

Ги повикуваме сите заинтересирани за создавање ООР, нивно соодветно лиценцирање со отворени лиценци Криејтив Комонс, и споделување со заедницата на едукатори, да ја посетат страницата www.oer.mk, како и нашата Facebook страница https://www.facebook.com/oermacedonia. Преку промовирање на својата работа, и споделување на добрите практики и позитивни примери од наставниот кадар, ќе помогнеме во проширување на свесноста за придобивките на ООР, особено во контекст на послабо економски развиени средини, и училиштата каде наставата се спроведува на некој од јазиците на помалите заедници.

Проектот „Отворени образовни ресурси“ е поддржан од Фондацијата Отворено Општество – Македонија.