Најава за бесплатни онлајн обуки: заштита на лични податоци, дигитални вештини, создавање ООР

Изминатите неколку месеци, сите што се на некој начин вклучени во образовниот процес се соочија со низа предизвици и потешкотии, кои досега не можеа да се замислат, ниту пак некој се подготвувал за такво нешто. Покрај наставниците и наставничките, одделенските како и предметните наставници, тука се вбројуваат и родителите/старателите, училишниот менаџмент и самите ученици.

Големите и ненадејни промени кои започнаа во март 2020 година, а дел од нив и сè уште траат, доведоа до тоа речиси сите вклучени во процесот во одреден момент да почувствуваат лутина, фрустрираност, и општо незадоволство од тоа како се одвиваат работите, како и незадоволство од постигнатите резултатите.

Преку проектот Отворени образовни ресурси, се обидовме да изнајдеме начин да му помогнеме, пред сè, на наставниот кадар, кој во екот на пандемијата беше принуден речиси преку ноќ да започне со т.н. онлајн настава. Реализиравме низа онлајн обуки (вебинари), како и помош и поддршка во текот на целото лето и есента во 2020 година.

Воедно, спроведовме и истражување за состојбите и предизвиците со онлајн наставата во 2020 година, фокусирајќи се особено на основните училишта и наставата на јазиците на помалите заедници. Резултатите од истражувањето можете да ги прочитате тука.

На крајот, повторно го организиравме и конкурсот за „НајООР наставник/наставничка за 2020 од основното образование“, и ги наградивме најпосветените едукатори, кои своите материјали соодветно ги лиценцираа, споделуваа, и користеа во духот на отвореното образование.

Остануваме посветени и оваа учебна година, да бидеме тука за сите вклучени во образовниот процес, и да придонесеме за поквалитетно образование за сите. Директните заклучоци од истражувањето посочија дека наставниот кадар бара, и има потреба, од обуки за користење на дигитални алатки, создавање и користење на отворени образовни ресурси, заштита на својата и приватноста на учениците. Поради тоа, ООР ќе се обиде да ги адресира токму овие теми.

Во месеците што следат, ќе организираме серија бесплатни онлајн обуки за наставниот кадар, училишниот менаџмент, но и за родителите/старателите на учениците во нашата земја. Со оглед на ситуацијата, сметаме дека овој формат е најсоодветен за сите чинители, и на овој начин можеме да бидеме уште поинклузивни и поефикасни во обезбедување поддршка за сите вклучени страни.

Ве покануваме да ги следите новостите на нашата веб страницата www.oer.mk, како и преку нашата Facebook страница, за се информирате навремено за онлајн обуките кои следуваат. За секоја од обуките ќе бидете навремено известени, за темите кои ќе се покријат, времетраењето, како и начинот за пријавување. Ве покануваме повиците за обуките слободно да ги споделувате со сите кои сметате дека би имале корист од нив, без разлика дали е тоа наставниот кадар, вашите колеги/колешки, родителите/старатели на ученици, или стручните служби и менаџментот во училишта.

Тимот на ООР ви посакува успешна учебна 2020/2021 година!